Петар Печков
Објавено: четврток, 18 јули 2024
Активен е пожарот во околината на село Подлес, Општина Градско. Во средата околу 12:20 часот започнат е пожар на отворен простор во атарот на село Сирково во Општина Росоман.
Пожарот е на тешко пристапен терен и се ширел во повеќе правци, од коишто еден кон Подлес во Општина Градско. Гори ниска вегетација, сува трава и нискостеблеста шума, зафатена е голема површина.
Пожарите во Општина Чашка се локализирани, иако во нив може да се јават тлеења, информираа од Центарот за управување со кризи. Тоа се однесува на пожарот на Лисец, помеѓу Дреново и Горно Јаболчиште, кој е на непристапен терен, со густа и висока вегетација.
Пожарот што во текот на вчерашниот ден префрли од село Слепче во Општина Прилеп кон село Габровник во Општина Чашка на планината Бабуна е локализиран. Според информацијата добиена од ЈП Национални шуми „Бабуна“ од Велес пожарот од страната на село Габровник е ставен под контрола, интервенирале шест вработени од подружницата. Додека од страна на село Мокрени, место викано „Мокренски Јазик“, пожарот бил активен а претпладнево е локализран. Тоа бил приземен пожар при што гореле паднатите лисја.
Tweet |