Петар Печков
Објавено: четврток, 10 декември 2015
Пожар изгоре до темел куќа на улица Св. Кирил и Методиј бр.46 во Велес. Според соседите во неа повремено живеело лицето Македонски Јовановски. Тој откако учествувал во гаснењето, поради тоа што вдишувал од огнот и пепелта е пренесен во велешката Болница. Од таму поради неговата здравствена состојба и проблемите со респираторниот систем и превенција е префрлен на Скопските клиники. Големиот оган кој беше видлив за левата страна од градот, ги преплаши велешани, бидејќи огнените јазици биле високи неколку метри.
Пожарот избувна околу 13 часот. Почна да излегува дим од куќата на комшијата и веднаш се ангажиравме почнавме со кофи да го гаснеме огнот. Беше мошне тешко, оти до куќата која беше во пламен има две нови. Моравме га ги спасуваме. Првата пожарна која дојде немаше вода, беше празна - вели сосед.
Додава дека мошне бргу сите од маалото излегле да помагаат, чекајќи ги пожарникарите, кои дошле подоцна. Куќата на Јовановски беше изгорена до темел а густиот дим и по неколку часа се уште се извишуваше од гредите. При гаснењето, од паднат ѕид, еден од пожарникарите добил повреда на главата, но не бил пренесен во Болница.
Во локализирањето на огнот учествувале три возила на противпожарната единица, едно на велешките комуналци и 12 пожарникари. Возилата на пожарната беа пред училиштето Св. Кирил и Методиј од каде со помош на црева водата се префрлаше до Мегдан каде се гаснеше огнот. Пожарникарите според командирот максимално бргу и професионално постапиле во овој пожар.
Дојава за пожар добивме во 14ч. Веднаш нашите екипи излегоа на терен. Станува збор за непристапна улица, каде големите возила не можат да се пробијат. Потоа чекавме полицијата да ги отстрани паркираните коли за да можеме да стигнеме. Згора на тоа нема хидрантска мрежа па моравме 200 метри сериски да поврзуваме црева, за да стигнеме до куќата и го гаснеме пожарот. Примарно во вакви случаи е да се сочуваат околните куќи, да не ги зафати огнот и нив а во тоа усепавме - објасни Љупчо Лепидовски командир на ППЕ од Велес.
Пожарот околу 16 часот бил ставен под контрола и локализиран а потоа екипи ќе работа и не негова ликвидација. Соседите од улицата Благој Леов објаснуваат што се случуваше попладнево во домот на нивниот сосед.
Ќерка ми преплашено извика, мамо гори куќата на комшијата. Излегов надвор, по што го видов и соседот како истрчува од неговиот дом. Беше со изгорена облека по грбот и црн со гареж по лицето, но зема црево и гаснеше. Дури со комшиите го срушија и ѕидот за полесен пристап. Но од толку време што беше во чадот се изгуби и викнавме брза помош и го однесоа во Болница. Беше страшно, многу лошо. Можеше цело маало да изгори, сите куќи се лепенки една до друга - вели сосетка. Истрагата која ќе ја вршат екипи ан СВР Велес ќе даде одговор што е причината за пожарот, во кој изгоре куќа на Мегдан.
Tweet |