Петар Печков
Објавено: вторник, 22 август 2023
Пожарот кој од вчеравечер е регистриран над село Мелница, до вечерва се уште не е локализиран. Според Центарот за управување со кризи, пријава за него била добиена вчера во 19ч а на терен денес биле пет пожарникари од Велес, кои се префрлени со хеликоптер, два хеликоптери на МВР и локално население. Гори ниско стеблеста шума, сува трева и во еден дел букова шума.
„Пожарот на Јакупица е значително намален и пресечен на неколку кракови со дејството на двата хеликоптера на МВР и дејство по земја на пожарникарите од ТППЕ Велес, но заради променливиот ветар и исклучително непристапен терен на висока надморска височина, не е целосно изгаснат. Рано утре, дополнително ќе се утврди како ќе се дејствува“ - соопшти Илија Бојаровски портпарол на ЦУК.
Двата хеликоптери на МВР досега прецизно исфрлиле над 80 тони вода.
„Хеликоптерот Ми-171 во 25 налета исфрли преку 60 тона вода, а хеликоптерот БЕЛЛ 212 во 20 налета исфрли преку 20 тона вода“- информираа од МВР.
Пожарот е на терен од над 1,2 илјади метри на надморска височина .
Tweet |