Петар Печков
Објавено: понеделник, 05 мај 2014
ДНК материјалот покажал дека Бајро Ибрахимовиќ (30 год) е идентитетот на починатиот маж, кој беше пронајден близу Велес на 11 април. Идентификуван е откако неговите блиски дале крв и преку ДНК е потврден неговиот идентитет. Резултатот од обдукцијата покажала дека станува збор за насилна смрт а од истрагата не се откриваат повеќе детали за овој настан кој се случи пред безмалку еден месец. Блиски од семејството на починатиот раскажуваат за свирепо убиство.
Телото на Бајро било пронајдено во поодмината фаза на распаѓање. Тој бил пронајден убиен со испукан куршум во чело, со заврзани раце зад грб со жица. Ова зборува за класична ликвидација како во филмовите. Дали бил во некое лошо друштво, дали и зошто се расправале, засега само се претпоставки.– велат блиски на семејството Ибрахимовиќ.
Истрагата ги истражува мотивите зошто Бајро бил сурово застрелан. Разговарано е со десетина лица од кој може да се добие одговор за можни нерасчистени односи. Бајро Ибрахимовиќ е од велешкото село Горно Оризари каде живеел сам.
Неговиот брат Енедин е во затвор поради вооружен грабеж на бензинска пумпа во велешко и тешка кражба при што ги малтретирал децата за да кажат каде се парите на родителите. Постариот брат Изудин настрада во сообраќајка, со моторот излета од мостот на реката Вардар близу Велес, на автопатот Скопје – Гевгелија – велат соселаните.
Последен пат Бајро е виден како со автомобил кој дошол по него и заминува од селото. Пред да биде најден застрелан 25 дена се водел како исчезнат. Неговото тело беше пронајдено на 11 април во вечерните часови на ливада од напуштена куќа, на влезот од Велес, од деца кои собирале полжави. Следниот ден истражни органи долго работеа на местото на убиството, детално пребарувајќи и барајќи траги.
Од обвинителството велат дека истрагата продолжува без да објават детали. Тие ниту ги потврдуваат ниту ги негираат овие информации. И додека во Горно Оризари Бајро објаснуваат дека бил мирен и повлечен, немал расправии и кавга со никого, во полицијата се води како сторител на повеќе криминални дела пред се на недозволена трговија со дрога.
Tweet |