речник контакт

Познатите личности и нивните помалку познати необични откритија

Хеди Ламар на сите им е позната како една од најголемите холивудски ѕвезди на своето време, а Нил Јанг како еден од највлијателните кантавтори кога било. Но, малкумина знаат дека покрај тоа тие биле и пронаоѓачи. Тие се само некои од познатите личности кои имаат талент за откритија

Петар Печков

Еден од најценетите пејачи, гитаристи и текстописци Нил Јанг, се занимава со своето хоби - модели на возови. Но, тој е и иноватор во таа област, па така меѓу другото измислил и посебен систем за далечинско управување на вовчињата со помош на копче. Така на својот син кој страда од церебрална парализа, му овозможил и тој да ужива во тоа хоби. Јанг е сопственик на компанијата „Лајонел ЛЦЦ“ која ги продава сите негови изуми.

Зепо и Гумо Маркс најмлади од браќата Маркс, познати комичари, биле и успешни инженери.

За разлика од Груч, Харп и Чик, тие двајца актерската кариера ја завршиле порано и се збогатиле благодарение на медицински апарати. Нивниот најважен изум е мониторот за мерење на пулс, мал апарат наменет за болните од срцеви болести. Апаратот се носи на рака и има два часовника, еден кој покажува нормално време, а другиот кој го мери пулсот. Во случај кога пулсот не е во граници на нормалата, апаратот се огласува со аларм.

Вилијам Марстон, творец на стрипот „Чудесна жена“ („Wonder woman“) во животот бил зафатен со правење на еден вид ласо на вистината, кое го носи неговата хероина. Марстон бил психолог, пронаоѓач и творец на тест на систолниот крвен притисок, врз чија основа може да се заклучи дали тестираното лице лаже. Тој тест е една од компонентите на модерниот полиграф.

Писателите на научна фантастика, на чело со Жил Верн, предвиделе и детално опишале многу подоцнежни изуми. Роберт Хајнлајн, еден од највлијателните научнофантастични писатели може да се смета за еден од идејните творци на водениот кревет. Тој во своите романи до најситни детали ги опишал водените кревети наменети за пациенти кои мораат долго да лежат, а кои се направени многу подоцна. Хајлајн сепак не се обидел својата идеја да ја спроведе на дело.

Писателката на љубовни романи Барбара Картланд дала свој придонес на едриличарството. Таа дизајнирала едрилица која може да се влече со авион и која британската војска ја користела во Втората светска војна. За својот изум таа добила и награда од авионската индустрија.

Една од најголемите ѕвезди на златните години на Холивуд, Хеди Ламар има играно во над 30 филмови, а тоа што е најмалку познато за неа е дека таа измислила систем за наведување на торпеда, кое претставува закана за денешната безжична комуникација. Ламар дење била секс симбол на големиот екран, а ноќите ги поминувала работејќи во својата лабораторија и заедно со пријателот Џон Антејл регистрирала патент во технологијата за комуникации од проширен спектар, без кој развојот на дигиталните комуникации не би бил можен.

Таа своето откритие го патентирала во 1942 година и го понудила на американската војска, но тие ја исмеале. Дури по 20 години американската морнарица ја сфатила големината на нејзиното откритие и почнала да ја применува. Денот на нејзиното раѓање 9 ноември, во нејзината земја Австралија, но и во Германија и Швајцарија се одбележува како Ден на иноваторите.

Маргарет Тачер, познатата британска премиерка, позната по прекарот Челичната лејди има своја мека страна. Имено, таа, откако дипломирала на Оксфорд, работела како хемичар за ланецот на ресторани и производители на храна „Џ. Лајонс енд Ко“ и заедно со колегите дошла до нов метод за вбризгување воздух во сладоледот и така направила воздушест и полесен сладолед. Таквиот сладолед со помек состав на ладење не може целосно да замрзне, па лесно се сервира.

Дури и најпознатите светски иноватори имаат и некои непознати, но вредни откритија кои отскокнуваат од тоа што го знаеме за нив.

Така на пример Исак Њутн освен во физиката свој придонес дал и за мачките.

Тој измислил вратичка за мачки. Додека седел во својата лабораторија проучувајќи ги физичките особини на светлото, неговата мачка сакала често да излегува и влегува во собата. Њутн не сакал постојано да ја отвара вратата за домашното милениче, за да не му влезе светлина и да ги наруши условите во лабораторијата, па одлучил да исече еден квадрат на вратата, па така мачката да може да влезе и излезе кога сака, а таа самата да се затвара.

Бенџамин Френклин, научник и политичар кој е најпознат по откритието за громобранот и бифокалните очила, открил и свивачки уретрален катетер.

Додека неговиот брат имал проблеми со камен во бубрегот, Френклин дошол на идеја да направи катетер од сребрена жица, кој ќе биде безболен и поудобен на пациентот.

текстот е преземен од Блиц - Белград

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »