Петар Печков
Објавено: четврток, 25 декември 2014
Кај наплатна рампа Градско, во вторникот ноќта, од страна на полицијата биле забележани две возила, едното марка „голф“ со албански регистарски ознаки, а второто „ауди“ со грчки регистарски ознаки во кои се превезувале повеќе луѓе.
Прв се движел голфот кој заминал во правец кон Скопје, а полициските службеници го следеле автомобил ауди до Каласлари каде што го запреле и при контролата е утврдено дека истото е сопственост и управувано од лицето Ч.Е. а во возилото се откриени тројца илегални мигранти на возраст од 25 до 34 години (двајца од Сирија и еден од Ирак).
При контролата на возачот, пријавениот Ч.Е. во својот пасош ставил прво 100 евра за да го ослободат, а потоа и уште 100 евра кои ги понудил на полицајците коишто поткупот го одбиле.
Во тој момент полициските службеници забележале дека „голфот“ со албански регистарски таблички излегува од бензинската пумпа кај Каласлари и се упатува во правец кон Скопје. Едниот полициски службеник со службеното возило се упатил по него при што дал знак да застане возилото, со вклучување на рото светло и звучна сирена, но „голфот“ не застанал. Во близина на клучката за Велес и Штип, од возилото се симнале патниците по што „голфот“ продолжил да се движи уште 50-100 метра по што било запрено од страна на полициските службеници.
По ова против лицата Б.К. (25) од Поградец и Ч.Е. (29) од Либражд, Албанија, Регионалниот центар за Граничен реон Југ поднела две кривични пријави за сторено кривично дело „криумчарење на мигранти“ и „давање поткуп“. Судија на пријавените лица им изрекол мерка притвор во траење од 30 дена, соопшти МВР.
Tweet |