Петар Печков
Објавено: петок, 08 мај 2020
На вчерашниот прес градоначалникот на Велес, Aце Коцевски ја соопшти информацијата која му ја пренеле од СВР Велес, дека од почетокот на воведувањето на полицискиот час, до средата, биле поднесени 99 кривични пријави поради непочитување на оваа мерка.
Или во март 30, во април 58 а до 6-ти мај 11, што е вкупно 99. Коцевски ја соопшти и бројката на велешани кои деновиве, до вчера, беа во државен карантин. Тоа се шест лица, кои се вратиле од странство и мора да минат период од 15 дена во изолација, во некои од хотелите, кои се за таа намена.
Велешкото обвинителство до Основен суд Велес поднело нови предлози за издавање казнени налози, овој пат за пет лица кои го сториле кривичното дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.
Обвинетите биле затекнати од страна на полициските службеници како се движат пеш или со автомобил по улиците низ градот додека во сила била Одлуката за забрана и посебен режим за движење. .Обвинителството на Судот му предложило на обвинетите за стореното кривично дело да им изрече парични казни во висина од 40 дневни глоби во износ од по 20 евра, односно вкупно по 800 евра во денарска противвредност.
СВР Велес оваа седмица поднесе 17 кривични пријави за непочитување на полицискиот час. Во вторникот СВР Велес поднесе кривични пријави против И.З.(23), Р.Б.(18), М.В.(19), Д.М.(32), Е.М.(24), Џ.А.(55), сите шестмина од Велес. Тие во периодот 31-ви март до 3-ти април не се придржувале кон воведената мерка за ограничено движење.
Вчера четврток беа поднесени кривични пријави против П.Т.(30), В.Т.(29), Е.Б.(34), В.Н.(53), С.Н.(27), М.Р.(22), А.Д.(34), Т.Д.(38), Н.П.(19), С.М.(42), Ш.Н.(31), сите 11 од Велес, за „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ Тие биле констатирани во период од 2-ри до 6-ти април кога не се придржувале кон воведената мерка за ограничено движење.
Tweet |