Петар Печков
Објавено: сабота, 08 август 2026
Велешка брачна двојка уапсена откако е констатирано дека нивните пет мали деца се запуштени и живеат во екстремно лоши услови, поради што биле пренесени во СОС Детско село. Полицијата против родителите најавува кривична за запуштање и малтретирање дете.
„На 7 август во 20:40 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес ги лишија од слобода Ѓ.Ш.(33 год) и 29-годишната С.Ш., двајцата од Велес, постапувајќи по претходна пријава за запуштање и малтретирање на дете. Полициски службеници и претставници од Центар за социјални работи Велес извршиле увид во домот каде престојуваат Ѓ.Ш., С.Ш. и нивните пет малолетни деца, при што било констатирано дека немало основни услови за живот и одгледување на децата“ – соопшти Ана Милевска Ѓеоргиева, портпаролка на СВР Велес.
За настанот бил известен јавен обвинител, а со родителите бил извршен службен разговор. Инспектор за малолетници при СВР Велес и социјални работници од Центар за социјални работи Велес децата го однеле во Општа болница Велес за утврдување на нивната здравствена состојба.
„На Детско одделение донесени биле пет деца од исто семејство, во придружба на социјални работници и полиција. Освен тоа што хигиенски биле во екстремно лоша состојба, не се увидени посериозни здравствени проблеми“ – информира д-р Анамарија Џунџева, портпаролка на ЈЗУ Општа Болница Велес.
По прегледот децата биле предадени во Центар за поддршка на згрижувачки семејства „СОС Детско село“. По целосно расчистување и документирање на настанот, полицијата најавува дека ќе поднесе соодветни пријави.
| Tweet |




