Петар Печков
Објавено: сабота, 25 март 2023
Денес со делење летоци по улиците на градот, стартуваше кампањата, „МВР за граѓаните - заедница, доверба, одговорност“ со која полицијата ја реафирмира пораката дека таа постои за да биде во служба на заедницата, да креира побезбедни средини за граѓаните каде тие ќе чувствуваат поголема сигурност. Но, и дека работи на подигање на интегритетот на полициските службеници, со прецизно дефинирани механизми за нејзина контрола, како внатрешни, така и надворешни.
„Довербата во полицијата се зголемува, тоа го покажува статистиката, а кон тоа придонесува и зголемената ефикасност на полицијата во повеќе области и генералното намалување на криминалитетот. Секторот за внатрешни работи Велес во изминатите години бележи прогрес во ефикасноста на работењето, што сигурно дополнително ја зголемува довербата на населението кон полицијата. За споредба, во 2020 вкупниот процент на ефикасност во работењето на Секторот за внатрешни работи Велес изнесувал 36,9 %, за да во 2021 година прерасне во 43.3 %, а во 2022 година се зголеми на вкупно 45,2 % ефикасност, поради што веќе можеме да кажеме дека бележиме континуиран тренд на зголемување“ - кажа Ристе Самарџиев, портпарол ан СВР Велес.
Од полицијата потсетуваат дека доколку полициски службеник да не постапи според професионалните стандарди, да ги надмине своите овластувања или да биде скратено некое со закон гарантирано право на граѓаните, би потсетил дека граѓанинот има право да поднесе жалба или претставка до Одделот за внатрешна контрола, криминални истраги и професионални стандарди на МВР. Одделот ќе изврши проверка на наведеното и доколку се утврди одговорност, вработениот ќе биде санкциониран.
„Зголемување на процентот на откривачката дејност кај кривичните дела на недозволена трговија со дрога за 47.5% во 2022 година споредбено со 2021 година, и намалување на вкупниот број на кривични дела даваат само дополнителен мотив плус за уште подобри резултати во работењето на Секторот за внатрешни работи Велес, што секако ќе придонесе за зголемување на довербата на населението и граѓаните кон полицијата. Изминатите години Одделението за полиција при СВР Велес континуирано одржува поволен и стабилен јавен ред и мир без никакви осцилации во бројките, а особено радува вкупниот статистички податок на Полициските станици за безбедност во патниот сообраќај на подрачјето на СВР Велес во првото тромесечје (за месеците јануари, февруари и март) од тековната 2023 година, според кој бележиме двојно намалување на бројот на сообраќајни незгоди и бројот на жртви. Така, во првото тримесечје за изминатата 2022 година на подрачјето на СВР Велес се регистрирани вкупно 130 сообраќајни незгоди и 3 жртви, додека нивниот број во тековната година 2023 за последните три месеци изнесува 76 сообраќајни незгоди без ниту една регистрирана жртва од сообраќајна незгода, што е намалување за -41,54 % во однос на лани“ - додава Самарџиев..
Ваквите позитивни бројки не биле само резултат на засилените сообраќајни активности и контроли, туку и на ставањето засилен акцент на превентивната компонента во работењето на полициските службеници.
„Преку оваа кампања, која денеска се промовира по сите сектори за внатрешни работи во државата, па и во СВР Велес, имаме за цел полицијата уште повеќе да ја доближиме до граѓаните, а развивањето концептот „Полицијата и граѓаните“ да претставува наш одговор на вашите потреби. Полициското работење со заедницата, значи градење на партнерство кое се базира на доверба помеѓу полицијата и граѓаните, а планската соработка придонесува за спречување на криминалот, при што резултатот е зголемена безбедност и подобар квалитет на живеење, нешто што сите заеднички го посакуваме“ - заврши Самарџиев.
Tweet |