Петар Печков
Објавено: понеделник, 27 февруари 2012
Првиот ден по Прочка, Чисти Понеделник е почеток на четириесетдневните Велигденски пости. Овој ден се обележува во Велес со традиционално јадење бел грав и со собир во велешкото маало Мегдан. И годинава и покрај ладното време и студениот ветер, се собраа мегданчани да го обележат овој ден. Подготвија 50 кг. грав многу мезе и желба за дружење. Оваа традиција има полувековен стаж, повеќе од 50 години.
Како и секоја година, така и оваа подготвивме цел лонец бел грав. Во него нема додатоци освен сува чушка, кромид, лукче, бибер. Јас го учев од старите, гледав како тие го подготвуваа,сега јас продолжувам – вели Тодор Иванов.
Манифестацијата има и кум, годинава беше Игор Манасков
Моја обврска е да купам пијалоци, се за јадење и пиење, да ги пречекам гостите. Сите кои ќе дојдат се добредојдени. Доаѓаат од различни делови на Велес и до доцна навечер се дружиме – вели Манасков.
Оваа традиција е од Ѓорѓи Гајдов – викан Балкан. Тој беше чифчија и за да му се роди фолијата и да има повеќе ракија вино, тој на Чисти Понеделник го собираше соседите. Пред неговата фурна поставуваше маси, се собираа луѓе – вели Петре Манасков, еден од постарите староседелци на Мегдан. На средбата дојде и роден мегданчанец, сега вели натурилизиран скопјанец Ѓорѓи Дебарлиев.
Роден сум во ова маало, но специјално без оглед на обврските доаѓам овој ден тука. Ме враќа во детството во младоста и ми ги враќа спомените. Гравот е како секогаш стандардно добар. Ме радува што оваа традиција продолжува - вели Ѓорѓи. Колку велешани ја почитуваат оваа традиција, покажува и тоа што секој прв понеделник по Прочка, традиционалното бело гравче е редовно на менито на работничките мензи во сите фирми во градот.
Tweet |