Петар Печков
Објавено: недела, 04 ноември 2018
Меѓу 20-те жени кои трчаа полумаратон беше и Јасмина Палуровиќ. Таа е градоначалник на градот Крушевац од Србија. Постигна 15-то време 2:14:57 а во Велес допатува со уште неколку сограѓани, меѓу нив и победникот на полумаратонот во машка конкуренција - Ненад Живковиќ. Палуровиќ објаснува дека таа често учества на вакви трки.
Трчкањето е начин да се живее здраво, проблемите со кои се судруваме во работата да се потиснат. Така се надминува и секојдневниот стрес. Прв пат сум на оваа трка, дојдов по покана на моите колеги кои веќе тука трчале. Паркот и средината каде се трчаше се феноменални, атмосферата уште подобра, патеката е брза и добро што дојдов и бидам дел до оваа приказна - кажа Палуровиќ. Ова и е 13 полумаратон и трча последните три години.
Како и претходните два полумаратони во Велес, така и годинава трчаше и ја мина целта Санде Стојановски (72 год) од Лозово. Тој беше највозрасниот учесник а патеката од 21,1 км ја истрча за 1:47:49 што е 40-то постигнато време.
Ќе трчам до 87 години возраст, за да го надминам рекордот како највозрасен учесник во Македонија. Немав никакви проблеми. Имам природна кондиција, здраво срце, постојано сум во движење, работам, малку и тренирам. Не ми беа проблем овие 21 км, трчам и маратон 42км. Одам работам физичка работа во село, кому му треба стојам на располагање. Работам бавча, ниви, тутун имам, копам дворови на соседи кои не можат да работат. Најмалку времето го користам за правење муабет на мобилен, за седење, оти кога гледам телевизија ме боли кичмата. Повеќе сум во движење, трчање – рече Санде кој бил агроном инженер во ЗИК Овче Поле и Жито Скопје.
Учествувал на маратони во Белград, Подгорица, Сараево, Ниш и скоро сите во Македонија. Задоволство му е да трча на овие долги патеки а може на неговите 72 години и да ја прави гимнастичката вежба, една од потешките - стој на раце.
Ако Санде беше највозрасниот учесник најмлад беше Бојан Јовановски кој точно денес наполни четири години и така го одбележа роденденот, со учество на трката и истрча 1 км. Заедно во друштво беа 15-тина деца од градинките.
Меѓу учесниците беше и политичарот Здравко Савевски од движењето ,,Левица,, кој трчаше полумаратон. Истата патека ја истрча и актерот Игор Ангелов. Иако многу популарен како Коста од серијата Преспав, најмладите во публиката го бодреа како Цветко од детска 5+.
Tweet |