Петар Печков
Објавено: сабота, 18 февруари 2012
Екипата на волонтери од Црвениот крст од Велес денес стигна до селото Ветерско, чии што жители три седмици беа отсечени од светот. Петнаесет волонтери, 150 кг храна, брашно, зејтин, шеќер, сол, грав, ориз, леќа,супи, паштети, макарони, кои се донација од Општина Велес, доделена е на седум семејства со единаесет жители во село Ветерско. По неколку часовна борба со високите намети на смет волонтерите на Црвениот Крст, успеале да стигнат до селото и да достават помош за десетината стари и изнемоштени лица.
Беше напорно но задоволството е целосно кога ќе ги видиш среќните лица на старците кои со недели беа сами во оваа снежна пустина. Донесовме храна која им беше неопходна – изјави Петре Петрушевски волонтер, член на ОО на Црвениот крст од Велес. Тој заедно со Бубо Попов и Анѓел Киров, беа највозрасни во оваа група, додека останатите беа младинци до 20-тина години. Волонтерите со комбе стигнале до паркингот кај манастирот за Ветерско, а оттука пешки, предводени од мештанинот Бранко Маневски ја однеле помошта во селото.
Утрово пријатно не изненадија машки гласови во селото. Кога гледаме млади луѓе. Ни донесоа храна и лекови, се што ни треба. Фала им и Господ здравје да им дава. Така сега сме обезбедени до натаму. Само уше снегов да се стопи – вели Нада Мајсторова жителка на селото
Пред неколку дена и хеликоптер на АРМ доставил помош до завеаните селани, но тие не знаеле зошто слетало леталото, па брашното кое останало два дена на снегот било неупотребливо. Волонтерите од Црвениот крст во вториот обид доставија храна за завеаните жители од Ветерско, бидејќи обидот од пред десет дена беше неуспешен, поради високите наноси на снег. Селото се наоѓа помеѓу двата краци од автопатот Скопје- Велес и обратно.
Триесетината жители до селото С`лп денес успеале сами да ја пробијат снежната блокада, откако три дена го чистеле патот до железничката станица Рајко Жинзифов.
Tweet |