Петар Печков
Објавено: сабота, 11 февруари 2012
Селото Ветерско, велешко две седмици е завеано во снег. Вчерашниот обид на екипата на Црвениот крст од Велес да се пробие до селото, со помош и храна беше неуспешен. По шестчасовна борба со високите намети на снег, волонтерите од оваа хуманитарна организација се повлекоа, бидејќи не било можно да се стигне до селото.
Се обидовме да ја однесеме неопходната помош за десетината селани, но не можевме против природата. Патот, кој е завеан, не може да се мине. Наносите се високи и по два метри а правецот не се познава. Да одиме пеш ќе требаа пет- шест часови, затоа се повлековме. Ќе се обидеме на селаните да им дотуриме храна на друг начин, ќе побараме помош од другите државни институции – рече Миле Маџаров, дел од екипата од седум члена која се обиде да им помогне на жителите на Ветерско. Во телефонски разговор со една од мештанките, таа се пожали дека резервите на храна и лекови се при крај.
Две недели сме отсечени од светот. Сите десетмина сме старци со по 60 и повеќе години. Некако се држиме, ама нека се потрудат да ни достават храна, лекови. Добро е што имаме струја и некако се поддржуваме сами, се храбриме – вели Нaда Мајсторовска, 67 годишна жителка на Ветерско.
Селото се наоѓа во општина Велес, над езерото Младост. Лоцирано помеѓу двата крака од автопатот Скопје – Велес и обратно, но токму поради тоа е отсечено од светот. До него се стигнува само по стариот земјен пат во правец од Велес. Слична е состојбата и со селото С`лп, каде се завеани 30-тина жители претежно старци.
Според Ванчо Попов, мажите се обидувале да го исчистат патот до железничка станица Рајко Жинзифов, но навевите биле високи и до 1,5 метар а патот лош, поради што цела седмица не можат да дојдат до Велес. Во велешко отсечени од свет се и жителите од селата Карабуниште и Белештевица.
Tweet |