речник контакт

Понеделник пресудата за двајцата поранешни општински функционери

Чадиев и Колев сметаат дека обвинението е политички мотивирано

Петар Печков

Денес на рочиштето во Основен суд Велес, беа кажани завршните зборови во предметот  каде за злоупотреба на службена должност се товарат двајцата поранешни функционери на локалната власт, Славчо Чадиев како градоначалник и Александар Колев како претседавач на Советот.  Застапникот на обвинението, јавниот обвинител Славица Темелковски изјави  дека биле изведени докази, според кои двајцата обвинети треба да бидат прогласени за виновни. 

Обвинетите не се придржувале кон Правилникот за одржување и користење на службени возила од 31.12.2008 и на Правилникот  за користење и одржување на службените моторни возила од 2016-та. Чадиев дозволил усно, Колев да го користи возилото, без да се евидентира и без да се даде извештај каде, кога, и од кој причини е користено возилото што претставува пропуст. Ова зборува за искористување на службената положба на двајцата обвинети заради остварување на имотна корист - кажа обвинителката Темелковски во завршниот збор. 

Бранителот на обвинетите, адвокат Коста Нојков во завршниот збор рече дека тоа што го сториле Чадиев и Колев не е криминал и дека тие не треба да бидат прогласени за виновни.  

Пратеничка во републичкото собрание Мира Стојчевска, во јавноста позната како Мира Дизел за девет месеци во 2018-та за патни трошоци од Републичкиот буџет  испумпала 11.736 евра, иако на име на сопругот во Скопје има стан. Тоа е криминал. Во овој случај за кој се гонат Чадиев и Колев наточено е гориво во висина од 2,8 илјади евра. Обвинителството не даде никаков доказ дека  двете службени возила се користени за приватни цели - рече Нојков. 

Свој завршен збор кажаа и двајцата обвиените, кои во еден дел имаа идентична одбрана, дека  обвиненијата се политички мотивирани. 

Три години сум по судов и сите обвиненија се политички, оти се поднесени од СДСМ или актуелниот градоначалник. За четири години додека бев градоначалник имотот на општината е зголемен за 6 милиони евра а не е исплатена ниту една дневница за службено патување на територијата на Република Македонија - рече Чадиев.  Колев пак во завршен збор го цитираше римскиот филозоф  Сенека.   

Тоа што не се чувствувам виновен не значи дека се чувствувам слободен. Во време на овој процес мојата граѓанска слобода беше одземена, заради моја политичка дисквалификација и нечие политичко поентирање - кажа Колев. 

Тие двајцата се товарат за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.Во периодот од 23.02.2014 година до 09.08.2016 година,  тогашниот градоначалник Чадиев усно дозволил на тогашниот претседавач Колев во повеќе наврати, да користи две службени моторни возила за лични приватни потреби, без реверс за нивно користење и без притоа да достави пополнет евидентен лист за патувањето. Колев во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри и во вредност од 170.598,00 денари, за кои била извршена исплата од сметката на оштетената општина Велес. 

Објавата на пресудата, судијата Шефшет Адеми ја  најави  за понеделник, 16 март  во 14ч.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »