Петар Печков
Објавено: петок, 22 февруари 2013
Во центарот на Велес од Поштата до зградата на СОК се наоѓа до Сармаале, кај велешани познатата Свиларска или Порцеланска зграда. За некои таа е Кривата зграда, затоа што во својата должина од стотина метри, во една третина таа не е права , туку е свиена кон внатре. Зградата е најстарата во Велес, изградена пред без малку 60 години, во далечната 1954-та година. Но освен по нејзината закривеност, таа е градена и грешно, не според градскиот план, ни открива велешки архитект. Како доказ ги посочува Деталните урбанистички планови на Велес од тој период.
Погледајте го планот за Титов Велес од 50-тите години на минатиот век. Ќе видите дека со Деталниот урбанистички план, е предвидено зградата со нејзината поставеност да биде покрај тогашната улица Маршал Тито, додека во пракса таа во последната третина наместо кон улицата бега од неа и е за десетина метри подалеку од неа. Според кажувањата на постарите колеги грешката била до изведувачот, кој од нему познати причини, ја изместил. Не треба многу да се паметува, дека тогаш во 1954-тата не било некое време кога се имало силна контрола врз архитектонските изведби,прв пат во Велес се градело зграда, па се минало лесно со таквата евидентна грешка. Тоа се гледа на плановите – вели велешки архитект, кој ја проучува старата велешка градба.
Зградата е дело на познатиот македонски архитект Славко Брезовски. Во телефонскиот разговор со него, вели дека не се сеќава на таа зграда, затоа што во неговата богата кариера имал изведено илјадници градби а и минал повеќе од половина век ,за да помни такви моменти. Но не исклучува дека градежниците при градбата можеле да направат таков превид и да не ја изградат според планот. Затоа пак постар велешанец со мислење дека не е грешка туку намера, зградата да не оди по планираниот тек.
Ако се погледне на терен ќе се види и зошто зграда не оди долж улицата, туку во последните метри таа бега од неа. Едноставно тука е вториот стар јавор, на Сармаале. Па верувам дека затоа градежниците, во желба да не го сечат, избегале од планот и се повлекле десетина метри – вели соговорникот.
Зградата и покрај годините е во одлична градежна кондиција, што ќе рече дека се градела со добар материјал. Повеќе од половината станови биле во сопственост на вработени во некогашна Свилара, а помал дел на вработени во Порцеланка. Затоа и името Свиларска или Порцеланска зграда,во зависност на кој сопственик соговорникот е поблизок.
Има интересни решенија за влезовите, кои не се директно на улица, туку се во внатрешноста и пред нив има празен простор, што е замена за познатиот трем од велешките куќи. И продавниците кои се на приземјето, не се веднаш до улицата, туку се повлечени внатре, така што кога врне, велешани кои се без чадор, тука наоѓаат заштита, под широките стреи, исто како од велешката стара архитектура. Архитектите велат дека ова е квалитет, кој денес ретко се сретнува, па и покрај што е грешно изградена според градскиот урбанистички план, таа е пример на добро осмислено решение за достапност.
Tweet |