Петар Печков
Објавено: четврток, 22 август 2019
Судскиот процес во кој се обвинети поранешниот градоначалник на Велес Славчо Чадиев и поранешниот претседавач на Советот Александар Колев, денес не започна во Основниот суд во Велес, оти го немаше Чадиев.
Судијата кој го суди овој предмет, Шефшет Адеми кажа дека имало два обиди за доставување на покана и обвинение на Чадиев кои биле неуспешни, па во негово отсуство процесот не започна. Новиот термин е 30-ти септември. Чадиев и Колев се товарат за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување.
Екс градоначалникот Славчо Чадиев според обвинението со усно одобрение допуштил тогашниот претседател на Советот во периодот од 23.02.2014 година до 09.08.2016 година, во повеќе наврати, да користи две службени моторни возила за лични приватни потреби, без реверс за нивно користење.
Претседател на општинскиот Совет Александар Колев, без поднесено писмено барање, возилата ги управувал самостојно и за себе прибавил имотна корист од поголема вредност, пишува во обвинението. Тој во повеќе наврати вршел и набавка на гориво за двете возила во количина од 2.880 литри и во вредност од 170.598 денари, за кои била извршена исплата од сметката на оштетената општина Велес, по доставени фактури изготвени врз основа на испратници, своерачно потпишани од обвинетиот.
Tweet |