Петар Печков
Објавено: понеделник, 16 јуни 2014
Поројниот дожд и грмотевиците кои попладнево од 16 до 17,30 часот го зафатија Велес направија сериозни штети во одделни делови на градот. Од ударите на гром има повеќе уништени компјутери, телевизори. Ова се случи во стариот дел на градот, во близина на Градскиот саат и во населба Керамидна .
Од удар на гром настрада куќа на улица Луј Пастер во населба Керамидна, каде морала да интервенира и противпожарната единица - информираа од Центарот за известување. Во соседството има прегорени повеќе домашни технички апарати. Гром удрил и во јаворот кај Градскиот саат, за ова има сведоци кои живеат во близина.
Од терасата видов како гром удри во јаворот, Имаше силна детонација – вели жител од станбениот комплекс Чешелот, кој во тие моменти бил на прозор.
Поради ова од улиците кои гравитираат кон овој дел на градот, кај амбулантата Ташевиќ, кај куќата на Кочо Рацин, на улица Браќа Поп Орданови, има бројни реакции дека им се уништени компјутерите и телевизорите.
Во населбата Тунел и кај Градската Болница има јавувања дека таму врнел град со големина на грашок. Од водата од поројниот дожд која се слевала по улица Св. Кирил и Методиј на повеќе места таа е сериозно оштетена Коцките од бехатон ги однела водата, па има големи дупки. Од поројот пак поплавени се неколку куќи кои се покрај улицата и на свиокот кај училиштето Св. Кирил и Методиј.
Поројот беше толку силен што носеше камења пред себе. Водата се слеваше право во нашата куќа, нема канали за да сврти лево или десно. Моравме да поставуваме вреќи со песок, за да се заштитиме. Сами се организиравме соседите да ја исчистиме улицата од бехатон коцките кои водата ги донесе од горниот дел - вели жител од овој дел на градот.
Tweet |