Петар Печков
Објавено: сабота, 11 мај 2019
Со победата над екипата на ФК Брегалница 2008 од Штип, со 2:0 (0:0), велешки ФК Борец 1919 е нов шампион во Втората лига Исток. Со тоа, две кола пред крајот велешани се враќаат во Првата лига, после 18 години пауза, откако во 2001-та клубот излезе од елитата.
Отпорот на противникот беше скршен со голот на Симеон Христов во 64-ата минута а победата заверена со голот на Ѓорѓи Ѓорѓиев во судиското продолжение, во 92-ра минута.
Така по 25 кола ФК Борец е прв со 63 бода, недостижни девет пред вториот ФК Тиквеш. Во следното, претпоследно коло Борец гостува на трето пласираниот ФК Кожуф во Гевгелија а во последното коло, на Градски го пречекува ФК Тиквеш од Кавадарци.
Разбирлива беше радоста по победата и пласманот во Првата лига, и на фудбалерите, управата, навивачите и гледачите. Претседателот и сопственик на ФК Борец, Кочо Анѓушев ја сподели радоста со фудбалерите.
Цела сезона екипата покажа добра игра и резултати и на две кола пред крајот е јасно дека Борец е прволигаш. Фокусирани сме кон следната година, новата сезона, за Прва лига. Цел е клубот да биде стабилен прволигаш а потоа и за повеќе, за излез во Европа -изјави за ТрМр Кочо Анѓушев.
Tweet |