речник контакт

После седум години во стечај, се продаде скијачкиот дел од Ски центарот Кожуф

Изминатите години имало 11 заинтересирани потенцијални купувачи, но не и нивни конкретни понуди

Петар Печков

По  седум години стечај, продаден е движниот имот на Ски центарот Кожув. За 21,5 милиони денари продаден е скијачкиот дел. Купувач  е скопска фирма, која ќе стана сопственик откако во осум дена по добивањето на решението, ќе ги уплати парите. Ова е одука на Собранието на доверители на Ски центар Кожув во стечај, кое се одржа во Основен суд Велес.

„Со мнозинство гласови од присутните доверители со 86 отсто „за“, се прифати понудата за продажба на скијачкиот дел, движниот имот на стечајниот должник“ - рече Богољуб Макревски, стечаен управник на Ски центар Кожуф.

Со продажбата се опфатени  систем за правење на снег, ски лифт, шестседна жичара, која беше прва таква на Балканот, возила за поправка на ски патеките, три ски ратрак возила, возило за чистење на снег и уште други придружни возила.  

„За продажбата се јави еден заинтересиран купувач. Проценетата вредност беше 173,87 милиони денари а ја купи  за 21,5 милиони денари, што е  12,46 отсто од проценатата вредност. Изминатите  години имаше 11 заинтересирани потенцијални купувачи, но не и нивни конкретни понуди. Моравме да ги разделиме движниот од недвижниот имот, оти десет години неработа, тој пропаѓа. Останува надежта дека по овој чин на продажба,  ќе се јави и заинтересиран купувач на недвижниот имот а тоа е земјиштето, каде е ски центарот“ - додаде Макревски.

Продажбата ја   поддржа и поранешниот сопственик и инвеститор во Ски Центарот Кожуф Ангел Наков, кој своевремено во него вложи како гринфилд инвестиција 19 милиони евра.

„Добро е што ски центарот  се продаде, отколку десет години така што пропаѓаше. Само поправката на оштетени столбови од жичарата ќе чинат два милиони евра. Мислам дека за негов рестарт ќе бидат потребни околу 3 милиони евра. Но не очекувам дека веќе наредната сезона тој ќе биде во функција, има многу работа“ -  рече Наков. Тој додаде дека не е во никаква релација со новиот сопственик.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »