Петар Печков
Објавено: понеделник, 15 мај 2017
Започна изградбата на капитален објект во Башино село. Денеска се постави камен темелникот за изградба на „Надпатник над автопатот“ со кој ќе се поврзат црквата „Свети Никола“ и гробиштата.
Целосната должина на пешачкиот мост изнесува 43,06 метри. Со пристапните патеки од двете страни должината на објектот изнесува 60 метри. Мостот ќе биде широк три метри, а делот кој ќе биде наменет за пешаците ќе изнесува 2,6 метри.
„Со изградбата на пешачкиот надпатник ќе исправиме една голема неправда која им е нанесена на локалните жители во периодот кога се градел автопатот Е-75 од Скопје за Велес во почетокот на 60-тите години од минатиот век, со кој значително им е отежната комуникацијата од црквата до гробиштата. Сегашното решение е со многу заобиколувања и движење по лош пат за да се стигне до гробните места„ рече Градоначалникот на Општина Велес, Славчо Чадиев.
Вкупната инвестиција изнесува 5,7 милиони денари, средства кои се обезбедени од Буџетот на Општина Велес. Проектната документација на изградба на надпатникот се подготвувала две години и два месеци. Изградбата се очекува да биде готова за шест месеци.
Tweet |