Петар Печков
Објавено: вторник, 27 март 2012
Постапката со која Министерството екологија ја започна процедурата за доделување на ,,А,, интегрирана дозвола преку документот за влијанието на Топилницата врз животна средина е поништена и таа започнува одново. Ова е одлука на Државната комисија за одлучување во управна постапка, откако таа ги прифатила жалбите на Општина Велес и Зелената коалиција. Локалната власт сметаше дека постапката не е транспарентна оти решението со кое Министерството за животна средина го задолжува Метрудхем што треба натаму да работи, е без за тоа да ја вклучи и извести општината.
Зелената коалиција, која вклучува седум граѓански здруженија, кои се противат на рестарт на Топилницата, се жалеа на решението за започнување на постапката за добивањето ,,А,, интегрирана дозвола, оти истото не било објавено на официјалната страница на Министерството за животна средина и дека со него не се бара алтернативна локација за градење на овој капацитет.
Очекувам овие пропусти кои Министерството за животна средина ги стори во првичната постапка, дека ќе бидат прифатени во новата процедура. Државната комисија за решението смета дека тоа е нејасно и конфузно, затоа во натамошната процедура бараме посериозен пристап, транспарентност бидејќи со него се решава судбината на 50 илјади луѓе – изјави Ненад Коциќ од Зелената коалиција на денешната прес конференција.
Тој не очекува дека Министерството ќе се жали на Управен суд на оваа одлука, бидејќи на нивната веб страница тие кратко напишале, дека ,,во целост ќе го почитува решението на Државната комисија и ќе ја спроведе постапката согласно насоките дадени во решението,,. Од Зелената коалиција реагираа дека Основниот суд во Велес не им го дал на увид купопродажниот договора со кој ,,МХК Злетово во стечај,, ја продал Топилницата иако пред еден месец уредно го побрале и досега не го добиле а според нив во него имало доста неправилности на кои сега работи и Антикорупциска.
Tweet |