Петар Печков
Објавено: четврток, 18 мај 2017
Во Основен суд Велес, во средата беше одржана работна средба со делегација на Правниот факултет Јустинијан Први при Универзитетот Св. Кирил и Методиј од Скопје. На средбата биле разгледани можностите за стекнување на практични знаења на студентите на правни науки преку реализација на практична настава во судот, како и стекнување со приправнички стаж на дипломираните правници заради полагање на правосудниот испит.
Во рамки на средбата беше презентирана работата на судот, просторните и технички капацитети за остварување на неговата надлежност, се разменија мислења од досегашните искуства и позитивни практики во спроведувањето на правната пракса во судот и се потенцираше потребата од инклузивност помеѓу високообразовниот процес и стекнувањето на практични искуства со цел создавање на квалитетни правни практичари – изјавија од Основен суд Велес.
За продолжување и продлабочување на меѓусебната соработка, Претседателот на велешкиот суд Александар Шопов и Деканот на Правниот факултет Јустинијан Први Проф. Д-р. Горан Коевски потпишаа Меморандум за соработка помеѓу двете институции.
Tweet |