Петар Печков
Објавено: четврток, 26 декември 2019
Две третини од граѓаните на Општина Велес знаат кои услуги ги испорачува локалната власт, додека во руралните општини, тој процент е помал од 50 отсто и се движи од 43 во Општина Чашка, 32 во Општина Градско и паѓа до 28 отсто во Општина Лозово. Истражувањето е извршено 125 граѓани во четирите општини. Ова се податоците кои беа соопштени на завршувањето на проектот ,,Подобрена информираност, како превенција за корупција,,. Неа ја спроведе невладината организација ,,Активо,, преку проектот “Граѓански организации и Медиуми против корупција - Коалиција за нулта толеранција”, спроведуван од Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентар, а поддржан од Европската Унија.
Идејата ни беше да направиме каталози на услуги за четирите општини, кои се достапни до граѓаните. Целта беше граѓаните на едно место да ги имаат сите информации, кога бараат некаква услуга од локалните самоуправи. Да знаат кај кого да се обратат, да знаат кое е надлежното одделение, за колкав временски период треба да се подготви бараниот документ, да ја знаат цената на услугата и да бидат подготвени кога одат во општините да побараат некаква услуга од нив - рече Славица Ќучукова Николова, дел од проектот.
Истражувањето траело од први јули до први декември и во повеќе насоки. Во овој период е правен увид во веб страниците на четирите општини. Информациите за услугите се собирани по пат на слободен пристап на информации, дел во комуникација со претставниците на општинската администрација и дел од средби со граѓаните. Граѓаните најчесто информациите во Велес и Чашка ги добиваа од граѓанскиот сервис центар, додека во Лозово и Градско најчесто од меѓусебната комуникација. Жителите на Општина Велес сакаат информациите да ги добиваат на електронска пошта или со СМС, додека во Градско, Чашка и Лозово бараат да ги добиваат во хартиена форма или да бидат објавени на огласната табла на зградата на локалната власт или на селските продавници. Помалите општини нудат помал број на услуги кон граѓаните, наспроти поголемите. Општина Велес нуди 47 услуги согласно ИСО 2001-2015, и лани во 2018-та 6579 граѓани побарале услуги. Општина Лозово лани добила 1296 барања од граѓаните за услуги, од нив испорачала 1158.Најмногу 708 биле барања за утврдување на штета од елементарна непогода, 150 услуги барања за поправка на улично осветлување. Во Општина Чашка најголем број од издадените услуги биле околу 290 од областа на финансиите, 150 од областа на урбанизмот. Општина Градско лани 60 граѓани побарале и добиле услуга која ја нуди локалната власт. Анкетираните граѓани на Велес во повисок процент 56 биле задоволни од испорачаните услуги, наспроти во Чашка,. Лозово и Градско каде процентот се движи од 42, преку 49 до 46%.
Локалните власти треба да посветат поголемо внимание на услугите кои ги нудат, на маркетинг. Ова го покажаа добиените податоци од извршените анкети и разговорите со граѓаните во четирите општини каде го работевме истражувањето - рече Дејан Ристов, учесник во проектот.
Подготвените каталози, кои услуги ги нудат четирите локални власти, биле поставени на веб страница и на ФБ профилот на организатор на проектот ,,Активо,, за да се постигне поголема видливост.
Повеќе од 10 илјади граѓани на ФБ ги видоа овие каталози изминатиот период. Бидејќи граѓаните сакаа да ги имаат во печатена форма, ги отпечативме и изминатата седмица ги делевме бесплатно во четирите општини - дополни Ќучукова Николова. Во дискусија а по презентацијата на резултатите, повеќето од присутните реагираа на еден идентичен пропуст, долгиот период на добивање на данокот на имот. Имаше случаи да го чекаат со години, некои и по пет.
П. Печков
“ГО и Медиуми против корупција- Коалиција за нулта толеранција” поддржан од ЕУ а го спроведуваат ТМ и НВО Инфоцентар.
Оваа истражувачка сторија е изготвена со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината на сторијата единствено е одговорен авторот и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.
Проектот е финансиран од Европската Унија
Tweet |