речник контакт

Потресни писма на заробен Британец од Гвантанамо

Лондонскиот весник „Индепендент“ објави исечоци од писма кои последниот британски затвореник во воениот затвор во Гвантанамо Шакер Амер ги пишувал на својата сопруга и кои сведочат за мачењата и неправдите кои ги претрпел како американски воен заробеник, на кого и по 10 години по неговото апсење во Авганистан никогаш не му се судело.

Петар Печков

Потресни писма на заробен Британец (41) од Гвантанамо: Тие ги уништуваат луѓето. Ги имам сите болести... Мила биди ми силна! Амер (43) по потекло е Саудиец, а добил постојана дозвола за престој во Британија откако во 1996 година се оженил со британска државјанка и живеел во јужниот дел на Лондон.

Го продале локалци

Во Авганистан заминал во јули 2001 година, како што тврди, вработен на една исламистичка хуманитарна организација. Откако се случила инвазијата на Авганистан, сојузничките сили го уапсиле во декември 2001 година. Наводно за 5.000 долари го продале жители од едно авганистанско село. Како што пишува „Индепендент“, тој тврди дека бил ангажиран на изградба на локални училишта, додека сојузничките сили тврдат дека со талибанците се борел против нив. Откако бил заробен во Кандахар и Баграм, во февруари 2002 година бил префрлен во злогласниот затвор Гвантанамо. Цело време, вели бил мачен и малтретиран, неколку пати и при присуство на агенти од британската служба МИ6, а денес е единствениот британски жител или државјанин кој се уште е заробен таму.

„Нема да веруваш, но додека ти пишувам ме боли раката и грбот. Остарев. Наполнив 41 година, но физички се чувствувам како да имам 50. Ме мачи артритис, бубрезите. Имам проблеми со слухот и видот, косата почна да ми паѓа. Чувствувам болка и во градите“, пишувал Амер на својата сопруга во писмо од 19 август 2002 година.

Загриженост за здравјето

Неговите адвокати се загрижени за неговото ментално и физичко здравје кое е нарушено од чести и долготрајни лежења во самица. Амер, кој има четири деца, а најмладиот син се уште не го видел, изгубил 40 отсто од својата телесна тежина и заробеништвото на него оставило длабоки рани, како физички така и ментални, кои се уште подлабоки.

„Ве молам, мачете ме на старите начини. Тука психички и физички ги уништуваат луѓето, а при тоа не оставаат видливи траги на нив“, го пренесува „Индепендент“ очајничкиот апел на Амер кон тие што го заробиле.

Орвеловата „1984“

„Љубов моја, да, изгубив многу килограми, да, ги имам сите болести и не гледам добро, да, ме болат коските и побелев, но... моето срце се уште е младо, а мојот ум посилен од кога било“, напиша Амер во писмото од 9 август 2008 година.

Кори Кригер, еден од неговите адвокати кој минатата недела го посетил во Гвантанамо, разговарал со новинарите од „Индепендент“ и рекол дека е многу загрижен за својот клиент.

„Амер Шакер ослабел на 68 килограми, на лицето можат да му се видат сите страдања кои ги претрпел и иако духот му е се уште жив, ми се чини дека властите се одлучни целосно да го скршат“, тврди адвокатот. Клајв Стафорд Смит, вториот адвокат на заробениот Британец, изјавил дека Амер ја читал книгата „1984“ од Џорџ Орвел, кога го посетил минатата година.

„Мораш да ја прочиташ оваа книга за да разбереш што се случува тука во Гвантанамо“, му објаснил тогаш Амер на адвокатот за  изборот на неговата литература.

„Ти си душата на мојот живот и нешто најдобро во моето срце. Знаеш ли колку си ми важна? Ако се скршиш и јас ќе се скршам, ако станеш слаба и јас ќе станам слаб. Ми требаш силна“, и напишал Амер на својата сопруга во писмо датирано на 9 март во 2005 година.

Без обвинение

Инаку, Шакер Амер е единствен заробеник во Гвантанамо кој тврди дека бил мачен и во присуство на британски разузнавачи и тоа, вели се случувало во Авганистан. Исто така рекол дека во периодот од 2002 до 2005 година во Гвантанамо три пати го испитувале британски агенти, што се случувало во време кога мачењето било вообичаен метод на испитување на осомничени за тероризам.

Меѓутоа, властите во Лондон негираат секаква вмешаност во мачењето на Амер и повторуваат дека повеќе пати апелирале кај американските власти поради случајот на својот жител, но без успех. Наводно со случајот на Амер, кој поминал над 10 години во затворите, а против него не било покренато обвинение, запозната е и американската државна секретарка Хилари Клинтон.

 текстот е преземен од Јутарњи лист - Загреб

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »