речник контакт

Почина Киро Глигоров

На 94 години почина Киро Глигоров, првиот претседател на самостојна Република Македонија. Утре вторник ден на жалсот во Република Македонија

Петар Печков

Роден е на 3 мај 1917 година во Штип. Беше претседател во два мандата од 1991 до 1999 година. Првиот пат беше избран на 27 јануари 1991 година од страна на Собранието, а по втор пат на 19 ноември 1994 на претседателски избори. Функцијата претседател ја извршуваше до 19 ноември 1999 година.

По пензионирањето Киро Глигоров беше активен како публицист. Глигоров е автор на неколку дела, главно пишувани по завршувањето на неговиот мандат како претседател - „Македонија е сè што имаме“ (2001), „Атентат - ден потоа“ (2002), „Виорни времиња: Република Македонија реалност на Балканот“ (2004) и „Сите југословенски (стопански) реформи“ (2006). Тој е основач и на фондацијата „Киро Глигоров“.

Киро Глигоров беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.

Во 1991 година ја предводеше Македонија која по мирен пат се осамостои од дотогашната Социјалистичка Федеративна Република Југославија во која Глигоров извршуваше високи државни функции.

На 8 април 1993 година Глигоров првпат се обрати на македонски јазик на говорницата на Обединетите нации кога Република Македонија стана 181. членка на ОН.

На 3 октомври 1995 година во 9 часот и 50 минути преживеа атентат со автомобил-бомба поставен на улицата Македонија во непосредна близина на хотелот „Бристол“. Се уште не се познати ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот. 

Во 2005 година стана прв носител на „Орденот на Република Македонија“.

Погребот на претседателот Киро Глигоров ќе биде извршен утре  вторник во 13 часот во Алејата на великаните на гробиштата Бутел. Негова желба било на погребот да присуствува само семејството.

По повод смртта на Глигоров, Владата на Република Македонија денеска ќе одржи седница на која ќе донесе одлука утре (3 јануари 2012) да биде прогласен за ден на жалост.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »