Петар Печков
Објавено: петок, 23 април 2010
Починато лице треба да сведочи во случајот за нарачаното убиство во велешко Ореше, утврдил Апелацискиот суд во образложението за укинувањето на пресудата против скопјаните, браќата Љупчо и Ордан Георгиевски, кои беа осудени на по 12 години затвор за убиството на Лазо Милошевски (71) во 2005 година.
Апелација пред еден месец ја укина пресудата, но засегнатите страни во случајот деновиве го добиле решението на одлуката на Судот. Апелација утврдила недостатоци во образложението на пресудата и при изведувањето на материјалните докази, па го вратила случајот на повторно судење.
Меѓу укажувањата што Апелацискиот суд му наложил на Основниот суд во Велес да ги направи во повторното судење е посочено да се сослуша како сведок Тоде Мицковски, иако тој е неколку години починат. Мицковски бил сопственик на плевната во која заштитениот сведок „Бреза“ требало да ја најде автоматската пушка и да им ја предаде на браќата и со истата да го убијат Милошевски.
Според обвинението, браќата Георгиевски го убиле старецот по нарачка од Ѓоре Петровски (40), кој живее во САД, а кој сакал да му се одмазди на Милошевски бидејќи сметал дека тој во 1995 година пукал во него и го погодил во глава.
Во образложението Апелација забележува на неколку моменти поради кои процесот ќе се води од почеток. Еден од нив е тоа што немало доволен број сведоци што ќе ја поткрепат тезата што се зборувала низ селото дека „јавна тајна е Ѓоре ќе му се одмазди на Лазо“, бидејќи требало да се утврди ова лично чувство на синот на убиениот, искажано како сведок и од други лица од селото.
Апелација укажува дека не е утврдено дали е запазена законската процедура за еден од крунските докази - рамката за муниција, бидејќи при нејзиното пронаоѓање не е познато дали присуствувал некој од овластените лица, освен од полицијата. Имено, рамката за автоматска пушка е пронајдена на 10 октомври 2008 година во бездна длабока 40-ина метри, на еден километар од Ореше, а која била посочена од заштитениот сведок.
Тој во своето сведочење изјавил дека Петровски од САД телефонски му се јавил и побарал од тоа место да ја земе рамката и да ја уништи, бидејќи истата ја фрлиле браќата по убиството. Апелација ја оспорува валидноста на овој доказ и бидејќи истиот бил предаден како материјален доказ во фотокопија, а не како оригинал.
Апелацискиот суд како недостаток за изрекување на пресудата посочил и дека не е наведен доказ дека нарачаното убиство е платено со 50.000 долари, како што пишува во обвинението, наспроти фактот што Ордан и Љупчо Георгиевски од 1997 до 2008 година преку 38 трансакции од Петровски добиле 3.200 долари пари, исто колку што добил и заштитениот сведок „Бреза“. Немало ниту материјален доказ, односно листинзи од телефонска комуникација меѓу браќата, „Бреза“ и Петровски.
Во меѓувреме, американските власти го одбиле барањето за екстрадиција на Петровски, но обвинението против него останува и најверојатно ќе му се суди во отсуство.
Tweet |