Петар Печков
Објавено: четврток, 20 јануари 2022
Почина пациентка на 30 годишна возраст од Велес, која билa на лекување во Болница во Скопје, позитивна на ковид-19, информираа од Министерството за здравство. Тaа е 284-та жртва на последиците од корoна вирусот во велешко.
Од Министерството за здравство соопштуваат дека жената е примена на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојбаи била во петиот месец од бременоста.
Девет дена од почетокот на лекувањето, состојбата ѝ се влошила. И покрај дадената терапија, младата жена развила многу тешка форма на бронхопневмонија и била поставена на механичка вентилација.
Пациентката потоа била префрлена на Клиниката за анестезија и реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ), каде понатаму е лекувана. Но, и покрај дадената терапија, состојбата постојано се влошувала и пациентката вчера починала.
Изминатите 24 часа во велешко има регистрирано 27 нови случаи на лица позитивни на ковид-19 а оздравени се 20. Ова се податоци кои ги објави Министерството за здравство. Во велешко активни се 350 лица со ковид-19.
Бројот на хоспитализирани во двете одделенија од велешка Болница е 36 пациенти, еден повеќе од вчера. Ново примени се тројца пациенти, нема испишани како оздравени.
„Од згрижените пациенти, 27 се позитивни, непотврдени се петмина и четворица се негативни. На кислородна поддршка се 17 пациенти. Транспортиран е пациент, маж на 61 годишна возраст во приватна болница во Скопје“ - кажа д-р Eлена Левкова Ќулумова, портпарол на велешка Болница.
На Инфективно одделение згрижени се 31 а на Интерно одделение пет пациенти.
Институтот за Јавно здравје соопшти дека до 16-ти јануари во Велес има регистирано 32 случаи на сезонски грип.
Tweet |