Петар Печков
Објавено: сабота, 02 април 2011
Пушењето марихуана на улица или во кафуле речиси стана нормална појава во Прага, иако дрогата во Чешка не е легализирана. Законите се толку либерални па на полицијата во многу случаи и се врзани рацете.
По кампањата да се затворат популарните кофи-шопови во Амстердам, на светлост на денот полека се појавува алтернативната прашка сцена.
Во прочуените убавини на Прага туристите за сега уживаат на посебен начин, под дејство на марихуана!
Иако официјално не се ставени во туристичката понуда на градот, клубовите во кои слободно се пуши марихуана, станаа вистински магнет за нови туристи.
Еден од нив е и клубот „Крос’. Сопственикот Томас Зденек е горд што една третина од неговите клиенти се странци.
- Многу се радуваат што тука можат јавно на улица и во многу кафулиња и клубови да пушат трева. Бидејќи тоа не им е дозволено во нивните земји, таму мора да се кријат. Кога се дома, се плашат дека поради неколку грама марихуана можат да завршат во полициска станица, изјави Зденек за германското државно радио „Дојче веле“.
Иако дрогата не е легализирана, чешките закони се многу либерални: ако Ве фати полиција со 15 грама марихуана, еден грам кокаин или 1,5 грам хероин, не ви може ништо.
И додека туристичките работници задоволно ги тријат рацете, полицијата е загрижена.
Шефот на канцеларијата за наркотици Јакуб Фридрих вели дека лабавите ограничувања доведоа до цветање на криминалот.
- Во почетокот тоа беше во некоја рака романтично со една субкултура на малите производители. Тие своите растенија ги одгледуваа сами и меѓусебно ги разменуваа. Тоа беше на едно филозофско-духовно ниво. Но, денес тој пазар има комерцијален карактер. Тоа се активни криминални банди од Виетнам и Холандија. Состојбата е многу проблематична, рече тој.
Меѓутоа, тоа не го интересира Томас Зденек. Тој посакува Прага да го преземе приматот на Амстердам.
Тоа и не е далеку од реалноста, бидејќи според анкетите, во Чешка расте бројот на поддржувачите за легализација на марихуаната, кои секоја година протестираат во тоа име. За оваа пролет најавија најмасовни протести до сега.
Текстот е превземен од Tанјуг - Белград
Tweet |