речник контакт

Празник на мајката на животот, Успение на Пресвета Богородица

Меѓу дванаесетте големи христијански празници спаѓа и празникот Успение на Пресвета Богородица, во народот попознат како Голема Богородица, празник на Пресвета Богородица, мајката на Спасителот Исус Христос.

Петар Печков



По раѓањето на Исус Богородица живеела уште 48 години, извесен период кај свршеникот (старател) Јосиф, кај синот Исус, а по неговото распетие и воскрсение кај неговиот ученик и апостол Свети Јован Богослов. За сето тоа време таа била директен сведок на многу важни настани што се од значење за христијанската црква.

Кога Исус бил распнат Богородица стоела покрај крстот и плачела како секоја мајка над судбината на својот син. Од крстот Исус и порачал во иднина да живее кај апостолот Јован и да го има за свој син, а нему му порачал да ја има за своја мајка.

За време на слегувањето на Светиот Дуг врз апостолите со нив била и Богородица така што и врз неа слегол Светиот Дух и и таа ги примила неговите дарови. Потоа апостолите останале во Ерусалим уште 10 години, а за тоа време Богородица живеела кај Свети Јован Богослов. Но кога Ирод ги започнал своите големи прогони на христијаните апостолите со ждрепка решиле кој каде да оди и да го проповеда еванѓелието. Јован со Богородица отишол во Ефес, од каде што таа ги посетила Св. Игнат Богоносец во Антиохија, Св. Лазар воскреснатиот од Исуса кој бил епископ на Кипар и Света Гора која што во таа прилика и ја благословила. 

И по враќањето во Ерусалим Богородица живеела во домот на апостолот и евангелист Свети Јован Богослов и ги посетувала местата на кои за време на животот на Исус се случиле важни настани како што се Голгота, Витлеем, Гетсиманија,  Елеонската Гора, потоа гробот на Исус и тн. А во овие посети некои истражувачи гледаат зародиш на христијанскиот аџилак.

 Особено Богородица често го посетувала гробот на  својот син и го молела  што побргу да ја земе кај себе. Набргу Господ Исус Христос и пратил вест дека е скоро часот кога таа ќе умре. Истиот оној архангел Гаврил што и ја соопштил благата вест дека ќе го роди Спасителот, сега и кажал дека е дојдено времето кога таа ќе се пресели кај својот син. И предал рајска палмова гранка како победа на животот над смртта со барање да ја носат пред одарот за време на погребот.

Богородица не се исплашила од оваа вест туку се израдувала што наскоро ќе биде кај својот син. Му кажала на Свети Јована, му ја предала рајската гранка и започнала да се подготвува за напуштање на овој свет. Посакала да ги види сите апостоли кои поради прогоните на Ирод, но и поради своите обврски да го шират христијанството, биле растурени по светот. Носени од некоја таинствена сила сите апостоли веднаш пристигнале, со исклучок на Тома кој бил многу далеку и во тој момент не можел да дојде.

На 28-иот ден во месецот, во третиот час од денот Богородица била легната во ковчегот, многу свеќи ја осветлувале просторијата, а апостолите пееле и го славеле  Господа Исуса Христа.  Богородица го очекувала својот син да ја поведе на небото. Одеднаш силна светлина ја исполнила просторијата, Исус слегол од небото со многу светци и анѓели, по што без болки ја предала својата душа во рацете на својот син.

Тогаш анѓелите го запеале поздравот од Благовештение. Во тој момент апостолите виделе како со оваа песна ангелите, заедно со Исус, ја носат душата на Богородица ко небото. Лицето и светело како сонце, а од телото се ширел пријатен мирис од кој се излечиле многу болни.

 По сопствена желба Богородица била погребана во Гетсиманската градина, каде што биле гробовите на нејзините родители Јоаким и Ана и на свршеникот (старателот) Јосиф. За време на погребот Светиот апостол Јован ја носел рајската гранка пред погребната поворка, апостолите го носеле телото на Богородица, а над нив се слушало пеењето на анѓелите.

Светол облак ја завиткувал поворката и непријателите не можеле да  се приближат, иако постојано ја следеле и се обидувале поворката да ја растурат, а телото на Богородица да го запалат. Во еден момент на едно место малку се поткренал облакот и се видел ковчегот во кој била Богородица. Тогаш еден од еврејските свештеници се затрчал кон него, го фатил со рацете за да го преврти. Но во тој момент невидлив анѓел со меч му ги отсекол рацете и дланките останале залепени на ковчегот.

Свештеникот се покајал за тоа што сакал да го направи и заплакал, а апостолот Петар му рекол да ги допре рацете до пресечените дланки. Кога тоа го направил се случило чудо, рацете зараснале како никогаш да не биле пресечени. Сите што виделе се увериле дека Исус навистина е синот Божји и на тој ден многумина се крстиле и го примиле христијанството.

Телото на Богородица било положено во гробот во Гетсиманската  Градина и врз отворот бил ставен голем камен. Три дена апостолите пееле псалми, а од воздухот се слушало пеењето на анѓелите. Третиот ден по погребот пристигнал апостолот Тома кој што многу жалел затоа што не присуствиувал на погребот на Божјата мајка и побарал апостолите  да му го отворат гробот за да се поклони пред телото на Богородица.

Апостолите му ја исполниле желбата, го отвориле гробот но на општо изненадување телото не било внатре. Имало само некои погребни платна од кои се ширел пријатен мирис. Тогаш се јавила Богородица и им соопштила дека на третиот ден по погребот Исус ја воскреснал кревајќи ја на небото. Кога се упокоила Богородица имала 63 (според други 72) години.

За подостоинствено празнување на овој празник му претходи двенеделен пост што започнува на 14 август, односно на празникот Св. седум маченици Макавејски.

На иконата Успението на Пресвета Богородица е насликано на овој начин: На одарот е поставено телото на  Богородица. Околу неа се народот и апостолите. До одарот во средината е нејзиниот син Исус кој во рацете го држи нејзиниот дух во форма на новороденче или нејзиното тело во минијатурна форма.  На некои фрески меѓу апостолите што го носат ковчегот со телото на Богородица насликан е и свештеникот со пресечените раце.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »