Петар Печков
Објавено: петок, 09 декември 2011
Од сите краишта на Велес во црквата .Св. Ѓоргија претпладнево се слеваше многу народ, кои дојдоа на неговиот патрон ден да запалат свеќа за здравје и го посетат овој храм кој има култно место кај велешани.
Верскиот објект тешко ќе се распознае меѓу останатите куќи на улицата Богдан Каракостев доколку не е таблата поставена пред двесетина години, на куќата со бр.14 на која пишува ,,Тука 1857-та година, со средства на жителите од брзоречката општина е основано првото класно трговско училиште во Македонија“. Тоа се смета дека е почетокот на учењето на мајчин јазик на децата во Велес но и во Македонија, и почеток на класното образование.
Токму поради тоа параклисот Св. Ѓоргија е значаен во македонската култура и историја, бидејќи 1857/58 е почеток на работа на велешката Гимназија, најстарата во земјава. Во овој храм освен што Џинот предавал на македонски јазик, се изведувале и првите едночинки, чиј автор бил токму тој. Вратите на параклисот се отвораат два пати годишно напролет на Ѓурѓовден, и на есен на Св. Ѓоргија.
И оваа година река од велешани се слева по тесните улици, поплочени се уште со калдрма за да дојдат и го посетат параклисот. На простор не поголем од 20 метри квадратни илјадници луѓе минуваат, но малкумина знаат дека тука некогаш било училиште. Тоа било на два ката, приземјето за машките деца а горниот за девојчињата.
Иако минал век и половина, објектот е добро сочуван, но дел од иконите се оштетени. Тие се сведоците на времето кога тука децата за прв пат започнале да учат на мајчин македонски јазик а нивните родители ја одржувале православната вера.
Tweet |