Петар Печков
Објавено: недела, 31 октомври 2021
Прва победа за кошаркарите на КК Борец баскет во првенството од Втората лига група „А“. Во четвртото коло убедливо со 21 поен разлика е совладана екипата на ГКК Охрид со 77:56 (34:33), која досега имаше една победа. Во следното коло велешани гостуваат во Струмица кај истоимената екипа, која има две победи и два порази.
Ракометарите на ГРК Борец загубија дома од екипата на РК Работнички од Скопје со 26:28 (16:13) во Првата лига група група „А“. Велешани водеа и имаа предност и игра со 45-та минута, кога паднаа, гостите го искористија и на крајот славеа. По ова седмо коло, ГРК Борец остана на седмото место со една победа. Во следното коло, следниот викенд, велешани гостуваат во Скопје во Автокоманда, кај екипата на РК Шампиони, со која го делата местото на табелата со по една победа.
Одбојкарите на ГК Борец загубија во Тетово до екипата на ОК Лирија со 3:2 (-23; 18; 18; -24; -11), но победникот ќе го решава натпреварувачката комисија, оти велешани имаат сериозна забелешка за крајниот резултат.
„При наше водство од 2:1, во четвртиот сет водевме со 24:23, имавме победнички поен, кој судијата ни го досуди, отсвири крај и заминавме во соблекуваните. По десетина минути дојде судијата и тврдеше дека згрешил, па досудил мртва топка, па да се вратиме. Решивме да доиграме иако официјално натпреварот заврши, бидејќи судијата отсвири крај. Ако не игравме можеше само службено да го загубиме, вака ќе се жалиме а во прилог е видео снимката од натпреварот. Четвртиот сет имаше пресврт домашните го добија како и петтиот сет“ - рече Петре Жабев.
Tweet |