Петар Печков
Објавено: сабота, 23 февруари 2013
Новиот театар кој се гради во Велес ќе биде готов до септември годинава, најави Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која го посетата објектот.
Таа заедно со својот тим, придружувани од изведувачите на работитите и надзорните органи, денеска направи увид во изведбата на работите на новата театарска зграда во Велес. Министерката заклучи дека динамиката на работите добро се движи и годинава, и најави дека ќе бидат свечено пуштени двата нови театри во Македонија, во Скопје, а потоа и во Велес.
Театарот во Велес, посочи Канческа-Милевска, ќе биде готов во септември годинава, кога ќе се изврши примопредавањето на зградата на претставниците на театарот од Велес „Јордан Хаџи Константинов-Џинот‘‘. Тие потоа ќе работат месец - два на новата премиера, по што до крајот на годинава со свечена премиера, новата театарска зграда во Велес свечено ќе биде пуштена во функција, најави министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.
Моментално сите фирми ангажирани на новата театарска зграда работат на усогласување на сценската техника. Ќе има една мала подвижна сцена со сто седишта и втора со 380 до 400 седишта, а за кои столчињата се веќе нарачани. Важно е што машинството во зградата е завршено со околу 95 отсто и сега се е сконцентрирано на изведба на работите во внатрешниот дел на зградата. Фасадата скоро се привршува. Исто така сега се договаравме за изгледот на мозаик на главниот влез на театарот под куполата. Мозаикот ќе биде со орнаментика извадена од Стоби, најави Канчевска Милевска.
Таа изјави дека средствата за завршување на работите за новата театарска зграда се целосно обезбедени од Буџетот на Република Македонија. Колку ќе чини новата театарска зграда во Велес ќе се знаело по целосното завршување на работите. Најави дека јавноста потоа ќе биде информирана за финансиската конструкција на новиот театар во Велес.
Велес заслужува да има еден ваков современ театар бидејќи театарската традиција е долга, а театарскиот ансамбл во Велес е еден од најуспешните во земјава. Оваа инвестиција ќе биде значајна не само за граѓаните на Велес, туку и за Македонија, потенцира министерката Канческа-Милевска.
Директорот на велешкиот Народен театр, Јордан Витанов изјави дека не се знае со која претстава ќе ја отворат новата театарска зграда, но, посочи дека таа ќе биде со македонски текст, македонски автор и режисер. Заради екипирање на театарскиот ансамбл, бил распишан конкрус за петмина актери кои наскоро ќе бидат примени. Тој најави дека во внатрешноста на театарот ќе бидат поставени фотографии на значајни личности кои работеле и соработувале во велешкиот театар и од бројните награди и признанија.
Воедно на платото пред новата театрска зграда ќе биде поставен и споменик на патронатот на театарот, првиот театарски писател и драматург во Македонија, Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Новиот тетар во Велес започна да се гради на 23 мај 2008-та а неговото завршување беше неколку пати пролонгирано.
Tweet |