Петар Печков
Објавено: петок, 26 јули 2013
Велешанецот Илија Тончаровски открива малку познати моменти од кобното утро на 26 јули 1963-тата година, кога успеал како машиновозач да го организира првиот воз со ранети и повредени, да го напушти разурнатото Скопје. И по 50 години од настанот, овој момент не е влезен во ниту еден документ од историјата на градот кој го стресе земјотресот.
Во три часот ноќта заминав за Тетово, каде што возев локал со работници. Возот веднаш се враќаше назад со други патници за Скопје. Стигнавме на железничката станица во Ѓорче Петров кога почувствувавме силно дрмање на возот. Помислив дека некој ме удрил одзади. Се симнав за да проверам што се случило. Немаше никој зад мене но видов луѓе кои бегаа од зградата на железничката станицата во Ѓорче и викаа распаметено „земјотрес, земјотрес“ - се сеќава Илија како го доживеал овој момент.
Продолжил кон железничката во центарот на Скопје, иако стравувал дали тој по потресот ќе го издржи товарот на возот кога го минал мостот над Вардар. Стигнал на третиот колосек на главната станица, каде што немало службени лица од железницата, сите се разбегале, никој не го примил. Тоа што го видел таму е слика која не ја заборава ниту по половина век, му останала врежана за цел живот.
Слабо се гледаше оти Скопје беше завиткано во прав. Од тоа што можев да видам се наѕираа луѓе кои во паника трчаа. Ја паметам сликата кај денешната зграда на „Нова Македонија“. Од Болницата бегаа стотици болни, едни во завои, други со патерици. Животот е мил, сите што можеле ја напуштиле зградата - раскажува Тончаровски.
Се упатил кон домот на неговата сестра, која била жителка на Скопје, да провери што е со нејзината фамилија. Во тие моменти ја доживеал судбината на многуте пострадани. Живо се сеќава дека кога минувал покрај разрушената зграда на Поштата, бабичка го проколнувала да помогне во расчистувањето на нивната куќа, бидејќи таму бил нејзиниот внук. Не можел да не се одзве на молбите и со друг човек кој се нашол таму почнале да ги расчистуваат купиштата бетон. Под бетонските блокови наишле на кауч и под него пет -шестгодишно дете, кое за среќа било живо.
Имам голема желба ако ова дете, сега возрасен маж, прочита и се препознае, според местото на живеење, според настанот кој верувам дека баба му, му го раскажала, да се јави, да стапиме во контакт. Сакам пак да го видам – вели Илија.
По оваа епизода се откажал од намерата да оди кај сестра си и се вратил на Железничка станица. Таму веќе имало собрано многу повредени и болни кои избегале од Болницата. На станицата имало неколку железничари, контролор и кондуктер, па сите заедно, сосе Илија, предложиле да се организираат и шинобусот да тргне кон Велес.
Можевме да возиме, немаше оштетувања на пругата, проблем беше комуникацијата, бидејќи се беше во прекин. Решивме да тргнеме со ризик и затоа да возиме внимателно. Од станица до станица возевме полека, тргнавме околу 7 наутро, а во Велес стигнавме по 80 минути патување. Во шинобусот имаше точно 28 повредени луѓе. Најтешко и беше на една девојка која имаше отворена скршеница на ногата. Јас возев а моите колеги со лимони ги освежува повредените кои ги превезувавме - се сеќава Илија.
На железничката станица Зелениково телефонските линии функционирале, и оттаму се јавиле во Велес за да ги пречекаат за да им се помогне на повредените болни. Кога стигнале на велешката станица имало многу доктори и коли на брза помош, кои веднаш ги прифатиле повредените. Оваа епизода од земјотресот и разрушеното Скопје уверува Илија ја немало во ниту еден пишан документ, па затоа сака вака преку весник да остане сеќавањето за тој кобен 26 јуни 1963 година, кога заедно со колегите од железница, го организирале првото спасување на повредените од разрушеното Скопје.
Tweet |