Петар Печков
Објавено: понеделник, 16 мај 2011
Секој ден во центарот на градот во близина на двата јавори, велешани можат да ја сретнат Демиран Реџепи во друштво со нејзините мали дечиња, како проси. Тука во близина се и други жени кои просат, но бебето кое Демиран го држи во прегратки, ја прави различна од останатите. Малиот Махмут, нејзиниот син, кој има четири месеци, е првото новороденче кое се роди во Велес оваа година.
По само стотриесет дена живот, тоа се најде на улица заедно со неговата мајка и братчето Амир и сестрата Мерина, така наоѓаат начин да преживуваат и се прехрануваат. Комуникацијата со Демиран е отежната бидејќи таа е лице со посебни потреби и тешко зборува, но и од малкуте разбирливи зборови може да се дознае нешто за нејзиниот тежок живот.
Нема работа, нема пари, мора вака да се живее – рече Демиран и подаде рака, за некој денар. Луѓето кои минуваат беа зачудени кога дознаа дека тоа е првото новороденче годинава во Велес а уште позачудени кога видоа дека тоа заврши на улица, со мајка му да проси. Таа нема дома на кого да го остави и затоа го носи со себе.
При посетата на домот на Демиран можат да се дознаат повеќе детали за нив. Децата радосни ја повикаа мајка си со објаснување дека доаѓа поштарот и надежта можеби носи пари, но семејното разочарување беше големо кога таа виде дека не е поштарот. Живеат во една мала собичка, не повеќе од десет квадрати, со два кауча и еден шпорет. На него се наоѓа празното тенџере со вода и некое гранче, кое треба да биде чај за да се залажуваат децата, ако побараат јадење. Домот повеќе од скромен, со влага и мирис на мемла. Повеќе детали за нејзиниот живот зборува деверот, кој му отстапил соба на братот Сенад Дестанов.
Се прехрануваме сите од просење, бараме по кантите отпадоци. Во оваа куќарка живееме тринаесет души, моето семејство осумина и брат ми петмина а работа нема, пари одникаде, само од социјалната помош. Повеќе гладуваме отколку што има за јадење. Но не крадеме – вели Сафет Дестанов.
Куќарката е на крајот од градот, во месноста Потокот на улица Вера Циривири број 184. Соѕидана само во цигли и покриена со камен. Од Центарот за социјални грижи во Велес објаснуваат дека тие помагаат максимално во овој случај, кој им е познат. Таткото на децата Сенад Дестанов е корисник на социјална помош, но тој не е во законска врска, не е во брак со Демиран. Таа пак не е жителка на Велес, нема документи, за да добие пари како помош. Зимава за да не живеат во мемливата просторија, децата биле дадени на дом семејство, но по неколку дена мајката ги побарала назад.
Велешани почекаа на првото новороденче годинава. Махмуд се роди 38 часа по новогодишната ноќ годинава, како трето дете на Демиран. Таа сама се породила дома а таткото на бебето, кој бил на работа во Италија, дознал десетина дена подоцна. Парите 12 илјади денари, кои градоначалникот на Велес Петров, ги даде за прво роденото бебе, како ретко кога беа упатени на вистинската адреса. Биле добредојдени, но во немаштијата, бргу завршиле, се потрошиле.
Tweet |