речник контакт

Пред светот во Лондон, Ефремов ќе трча со скинати спринтерки

Ефремов се подготвува за Лондон, трчајќи на атлетсакта патека во Велес, која е преполна со рекреативци и е уништена. Тој неодамна дипломираше на ФОН со 9,97 просек

Петар Печков

По пеколни 37 на сонце, во термин кога докторите препорачуваат мирување, младиот велешанец Кристијан Ефремов на Градскиот стадион во Велес засилено тренира за  неговото учество на Олимпијадата во Лондон. Тој ќе трча на патеката од 400 метри. Оваа можност ја доби   по  вајлд карта која ја додели  организаторот за двајца македонски  атлетичари. Така Ефремов ќе биде дел од сиромашната македонска екипа од четворица учесници, по двајца пливачи и атлетичари.           

Ветувам дека нема да  разочарам. Ќе го дадам својот максимум  во Лондон да го имам најдобриот мој резултат.  На 9 јуни на силен меѓународен митинг во Софија значително го подобрив моето најдобро остварување на 400 метри, кое сега изнесува 48.26 секунди, што претставува најдобар резултат во македонската атлетика последните неколку години. Ова укажува дека сум во солидна форма и ќе ја претставам Македонија во најдобро светло - вели Кристијан Ефремов член на АК Перпетуммобиле од Скопје.

Тој првите атлетски чекори ги започна токму на овој стадион, каде сега тренира  два  пати  по два часа на ден. Терминот кога работи со тренерот Вучков не е тој што тие го сакаа, туку тогаш кога нема рекреативци. Поради големиот број велешани кои трчаат за своја душа,  Ефремов не може да работи после 19 часот кога е посвежо, туку два часа порано, по врелиот велешки воздух. Кога започнале имале проблем  Ефремов да истрча еден круг од бројните рекреативци по патеката. Згора на тоа тартан патеката изградена 1978-та година сега е сериозно оштетена, со огромни дупки каде се гледа бетонот, па Ефремов ризикува да се повреди и Олимпијадата му остане само неостварен сон. Неговиот тренер Вучков вели дека колку вложуваме во атлетиката, толку добиваме.

Не можеме да очекуваме ниту Балкански резултати со една патека во Охрид и оваа скоро пропадната во Велес. Очекувам дека Кристијан во Лондон на ОИ ќе остави зад себе според резултатите 3-4  атлетичари. По настапот на ЕП во Хелсинки имаше реакции на неговиот резултат, дека бил под најдоброто време. Јавноста треба да знае, во Хелсинки само еден од 37 атлетичари  истрча во претпладневните квалификации,  подобро време од неговото најдобро. Биоритамот на атлетичарите не е адаптиран  за претпладневни трки. Наша цел е на Олимпијадата  да не биде последен  и да  истрча најдобро што може - вели Георги Вучков тренер на Ефремов.

Атлетичарот Ефремов во Лондон  ќе трча со искинати спринтерки,  оти двата пара што ги има се со дупки. Бидејќи тој не е стипендист на Агенцијата за млади и спорт, ниту беше на листата на десетте потенцијални учесници на Олимпијадата во Лондон, Ефремов   не добива финансиска помош од државата. Се финансира сам  со помош на неговите родители.  Дури и потребните средства за витамини ги обезбедува од лични средства. 

Со оглед на минималните услови кои ги имам и тоа што не примам никаква спортска стипендија, задоволен сум од сегашната форма. Од олимписката ,,Б,, норма ме делат 2.36 секунди, па со соодветни подготовки и финансиски средства, очекувам на следната олимпијада во Рио де Женеиро  2016 да учествувам со олимписка норма – вели Ефремов. Според програмата трката на 400 метри е на 4-ти август а квалификациите  започнуваат во 12,35 по македонско време. Последен тест пред Олимпијадата ќе му биде Балканското првенство во Едрене, Турција кое се одржува на 22 и 23 јули.

Кристијан Ефремов  од пред  некој ден е дипломиран информатичар. На крајот од минатиот месец го заврши факултетот  за Информатички и комуникациски технологии при  Универзитетот ФОН, со просек од 9,97. Претходно во сите четири години во велешката гимназија Кочо Рацин бил најдобар ученик а во завршната четврта година и првенец на   цело училиште.

Во Македонија не може да се живее од спортот. Затоа се предадов на науката – вели скромно Ефремов.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »