Петар Печков
Објавено: петок, 11 март 2011
Отсуство на дружење и познавање, интернет зависност со насилни видео игри, предрасудите, се најчесто причините за насилството меѓу младите велешани, кои изминатите шест месеци кулминираа со неколку масовни тепачки во училишните дворови. Ова беше повод локалниот Совет за превенција од општина Велес да иницира трибина на која стручни лица ги посочија причините за насилството меѓу младите, но и да се побара излез од ваквата ситуација.
Децата се затворија дома, не се познаваат, единствениот облик на комуникација им е интернет. Голем дел од насилството кое го применуваат, го акумулираат од таму. Имаат премногу енергија, која потоа ја манифестираат со меѓусебно нетрпение и физички пресметки. Затоа е потребно слободното време да учениците да се организира преку заедничко дружење, различни прошетки, маршеви, престој во природа, бидејќи тие не се дружат меѓу себе. Потребно е да се организираат спортски натпревари каде младите ќе се запознаваат меѓусебно – вели Ненко Александров началник на одделение по превенција во велешката полиција.
Тие анализирајќи ги серијата насилства меѓу средношколците дошле до констатација дека децата не се познаваат и имаат многу предрасуди. Затоа пролетва ќе започнат проект на едукација на осмо одделенците од руралните средини, од поголемите села Горно Оризари, Иванковци, Бузалково, Горно Јаболчишта.
По нивното доаѓање во Велес и започнувањето на средното училиште, во септември месец се јавувале недоразбирања поради одредени стереотипи, разлики, непознавања, што резултирало со тензични ситуации. Стручњаците од ОБСЕ, со чија помош во Велес ќе се реализира проект за обезбедување на средните училишта и средношколскиот интернат, со порака дека семејството е местото каде се решаваат проблемите.
Родителите и нивните деца се главни во овој проект, тие се носителите на решавањето на конфликтната состојба. Ниту една држава во светот, колку и да е богата, нема толку пари и толку полицајци, нема таков случај, каде таа ги чува сите школски згради, сите ученици. Полицијата и наставниците треба да ги оставиме настрана, да работиме со семејството – вели Деан Стевановиќ претставник на ОБСЕ во СВР Велес.
За половина година, од октомври до јануари во две средни училишта во градот, се случија неколку масовни тепачки меѓу учениците а во еден случај без повод настрада средношколец од друг, откако му зари нож в грб. Градоначалникот на Велес смета дека безбедноста на децата е примарна и треба под итно да се врати мирот во училиштата.
Приоритет е безбедноста на учениците не само во училиштата, во дворовите туку и пошироко. Потребно е да се преземат мерки за степенот на сигурност да се зголеми. Затоа неопходна е студија, за да се откријат проблемите но и можни решенија, како да се надмине ова состојба – изјави Горан Петров градоначалникот на Велес.
Затоа во две училишта е веќе воведено физичко обезбедување. Тоа е иницирано од страна на родителите и веќе ги дало првите резултати. Освен зголемување на степенот на безбедност подобрена е редовноста на учениците. Во Хемиското училиште Димитрија Чуповски од 700 родители, 600 се изјасниле а од нив само 4 биле против и 30 воздржани.
По еден месец од воведувањето на физичко обезбедување немаме веќе тензии, дежурните ученици строго контролираат кој влегува, каде оди, во нивно друштво се движи низ објектот. Се идентификува кој влегува и не може да се влегува кој кога и како сака. Подобрена е и редовноста на учениците, бидејќи ако задоцнат вратите се заклучени и не можат да влезат, па сега не доцнат на часови, доаѓаат на време – вели Валентина Јовева директорка на Хемиското училиште.
Tweet |