речник контакт

Преживеан од Треблинка се сеќава на страдањата и на отпорот

Семјел Виленберг е последниот преживеан од еврејските затвореници од гетото Опатов, кого го довеле со воз во Треблинка, од нацистите окупираната Полска

Петар Печков

Со воена беретка, накитен со медали и одејќи со патерица, 90-годишниот Семјуел Виленберг предводи маса народ преку расчистената шума од борови, и повремено запира и објаснува: „Станицата беше тука, возовите запираа таму“.

Ништо повеќе не потсетува на концентрациониот логор Треблинка, освен пепелта на околу 870.000 луѓе, повеќето од нив еврејски мажи, жени и деца, дека нацистите ги убиваа со гас и ги закопуваа под земја.

Тој сончев летен ден, додека штрковите се гнездеа во близина, тешко беше да се замисли хоророт кој се случувал тука.

Семјел Виленберг е последниот преживеан од еврејските затвореници од гетото Опатов, кого го довеле со воз во Треблинка, во од нацистите окупираната Полска.

Им рекле дека се наоѓаат во транзитен камп и дека треба да се соблечат и истушираат пред да продолжат со патувањето. Всушност, собите за туширање биле гасни комори.

Додека чекал, Семјуел Виленберг, син на сликар, видел познати лица меѓу евреите затвореници.

„Човекот кого го препознав ме праша: `Од каде си? Му реков, `Честошова`, а тој пак ме праша, `Честошова`?“

„Ми рече, `кажи им дека си ѕидар`. По неколку секунди еден СС офицер дојде и викна: `Каде е ѕидарот`? Скокнав и му ја покажав исфлеканата јакна на татко ми која ја носев, а тоа беше сосема убедливо. Ме испрати во бараките со затвореници и притоа ме клоцна одзади. Сиот град, три транспорти по 20 вагони, беа испратени во гасните комори`, рече Виленберг за Би-Би-Си.

Тој бил еден од 750-те евреи работници во Треблинка. Неговата задача била да пребира по багажот на луѓето кои биле внесени во гасните комори.

„Еден ден минував покрај купиштата облека“, почна да зборува со треперлив глас. „И го здогледав. Мојата помлада сестра имаше капут со кој порасна. Мајка ми и ги продолжи ракавите со зелен сомот. Така го препознав. Денес тоа се уште ми стои пред очи“.

Тој подзастана и рече дека не може да продолжи понатаму. Изгледа приказната беше премногу болна за да продолжи да ја раскажува. Но на изненадување, тој сепак продолжи.

„Тогаш дознав дека и моите сестра се во Треблинка. Дознав дека повеќе немам сестри. Гледав, но не плачев. Не ми останаа солзи, само омраза“, рече тој, бришејќи ги солзите кои сега несопирливо течеа.

Палење на кампот

Мала група затвореници планирале бунт.

Во април 1943 година, транспортите со затвореници скоро сопреле. СС командантот Хајнрих Химлер ја посетил Треблинка во март, а потоа телата на мртвите биле ископани така за да можат да бидат запалени на клада. Нацистите ги сокривале доказите за нивните злосторства. Палењето на телата продолжило и преку летото, а преживеаните затвореници знаеле дека кога тоа ќе заврши, и тие ќе бидат убиени.

На 2 август, со копија од клуч, тие го отвориле магацинот со оружје на СС-овците, го поделиле оружјето и го запалиле кампот.

Во хаосот од чад, пукотници и експлозии, Семјел Виленбург почнал да бега. Зад него бил неговиот пријател, протестантскиот свештеник од еврејско потекло, кого го викале „попот“.

„Одеднаш попот дојде и почнавме заедно да бегаме, секој се обидуваше да избега. Имав машинка. Попот бегаше покрај мене и беше погоден во ногата. Падна. Ме молеше да го убијам. Му покажав нешто: `Погледни назад кон концентрациониот логор каде твојата жена и децата беа убиени`, и потоа му пукав во главата“, рече Виленберг.

Трчал кон оградата од бодликава жица, а куршуми испукани од набљудувачницата фрчеле околу него.

„Втрчав во антитенковското поле, бидејќи бодликавата жица беше пресечена. Германските митралези продолжија да пукаат. Скокнав врз телата на мртвите пријатели. Изгледаа како статуи“.

- Потоа и јас бев погоден. Потече крв и колената ми потекоа. Но минав преку овие пречки. Потоа се најдов во шумата и таму имаше пруга, асфалтен пат и повеќе дрва, и потоа полудев. Почнав да викам: `Пеколот изгоре!`“, се сеќаваше тој.

Помалку од 70 затвореници избегале и ја преживеале војната. По бунтот, нацистите го уништиле кампот. Бил претворен во фарма и едно украинско семејство било преселено таму.

Семјуел Виленберг стигнал со воз до Варшава каде повторно си ги пронашол родителите.

„Вратата ја отвори мајка ми. Не можете да замислите што значи да се вратите од пеколот и да си ги видите мајка ви и татко ви. Таа ме праша каде бев. Првото нешто кое ме прашаа беше: Можеби ги виде Ита и Тамара? Никогаш не им кажав. Мајка ми умре во Израел. Никогаш не и реков дека ги видов алиштата на сестрите. Не можев, едноставно не можев“, рече тој.

Виленберг се придружил на полското движење на отпорот - Народната армија - и се борел против Германците во варшавското востание во август 1944, во обид да го ослободат градот од нацистите.

По војната се оженил со Кристина, која била спасена од варшавското гето од Пољаци. Потоа емигрирале во Израел во 1950, но повремено се враќал во Треблинка како туристички водич.

Моќта на правдата

За оваа годишнина, Семјуел Виленберг почнал да го остварува долгогодишниот сон. Открил камен споменик за идниот образовен центар Треблинка, дизајниран од неговата ќерка архитект, Орит.

Поголемиот дел од чуварите во Треблинка не биле гонети заради нивното учество во овие злосторства.

Командантот на Треблинка, Франц Штангл, бил осуден на доживотна робија во октомри 1970, по судењето во Дизелдорф.

Умрел во затвор во јуни 1971. Шест години подоцна, 10 бранители на кампот, меѓу кои и заменик-командантот Курт Франц, биле судени во Дизелдорф.

На четворица им биле пресудени доживотни казни, петмина биле осудени од три до 12 години, а еден обвинет бил ослободен.

преземено од Би-Би-Си

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »