Петар Печков
Објавено: вторник, 15 март 2011
Седницата на Советот на општина Велес на која требаше да се разгледуваат повеќе точки поврзани со финансиското работење на локалните Јавни претпријатија и средните и основни училишта беше прекината, откако советниците на владеачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата.
Беа лути затоа што добиле закани од колега од СДСМ а тие не сакале да се извинат. Од СДСМ тврдат никого не навредивме ниту се заканувавме. Претседавачот на Советот објаснува дека ова беше единствен излез од состојбата на седницата, кога по неколку паузи, жестоки обвинувања, реакции, реплики и контрареплики, таа мораше да биде прекината.
Седницата ја прекинав бидејќи немаше услови за работа. Кај мене владее загриженост поради настапите кои ги видов и слушнав. Кога ќе се создадат ќе ја продолжиме. Во тек се консултациите со правната служба од администрацијата за тоа какви последици може да има по не донесувањето на годишните извештаи и завршните сметки на институциите кои се под локалната власт а требаше да се донесат до 15-ти март – изјави за ТРМР Славчо Чадиев.
Сите советници од владеачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Велес на заедничка прес конференција побараа извинување од колегата од СДСМ, бидејќи од него тие добиле закана по безбедноста а со него се солидаризирале и останатите сопартијци.
Врв на политичка некултура беше говорот на колегата Данчо Стојановски со кој се изрази закана за безбедноста на советниците од ВМРО-ДПМНЕ и се упати закана по слободата на движењето. Беше речено дека советниците од нашата политичка партија нема да смеат да излезат од зградата на Општината. По нашето барање да се извини, не заради нас, туку поради јавноста, колегите од СДСМ одбија и ги потврдија претходно искажаните закани – изјави Александар Колев советник од ВМРО-ДПМНЕ.
Советниците од СДСМ со став дека власта сака да ја преправи вистината, затоа што наводно имало некакви навреди и закани, кои само тие ги слушнале.
Прекинот на седницата го дефинираме како одраз на нивната нервоза, која е се поочигледна. Таа е предизвикана од предвремените избори кои наскоро ќе се одржат и тие знаат дека ќе изгубат. Затоа сакаат да предизвикаат нервоза, да ја искриват вистината и презентираат дека советниците од СДСМ се виновни за нивната немоќ. Тие бараат начин да ја блокираат работата на Советот. Одговорноста за натамошната судбина на седницата е во владеачката партија и претседавачот – изјави Дејан Гавазов советник од СДСМ.
Тие нема да се извинат бидејќи немало упатено навреда, но потсетуваат дека ги преџвакале изјавите кон нивните колешки од типот,, ако сакате да бидете стрелец, можете да бидете отстрелани,, и во интерес на граѓаните продолжиле да работат. И колегите од спротивната страна, конкретно Колев потсети дека знаел да се извини кога СДСМ побарала а во интерес на работата тоа го сторил, иако лично не смета дека згрешил.Повиканиот советник Стојановски тврди не кажал ништо лошо.
Од моја страна немаше навреда или закана. Тоа може да се потврди со преслушување или гледање на снимката од седницата. Ниту сум ги кажал ниту сум мислел на зборовите кои ми се припишуваат. И досега и во иднина ќе бидам советник, кој постојано на седниците ќе зборува без дисквалификации и навреди – изјави Данчо Стојановски, во чиј говор советниците на ВМРО-ДПМНЕ препознаа закани.
Tweet |