Петар Печков
Објавено: четврток, 06 октомври 2011
Во петок навечер во 20 часот во велешкиот театар Јордан Хаџи Константинов Џинот премиера ќе доживее претставата ,,Треперење – помеѓу две подадени дланки,, во режија на Нина Николиќ. Тоа е нов драмски текст на Драгана Лукан Николовска, драма инспирирана од љубовната приказна и преписките помеѓу Чехов и познатата актерка Олга Леонардовна Книпер, чија праизведба ќе биде во велешкиот театар.
Авторскиот тим најавува дека публиката ќе види женска, високо естетизирана претстава, минималистичка по изразот и по изборот на режиските, сценските и актерските средства. Иако текстот третира голема тема, која задира рускиот и светскиот театар, праќа универзална порака, која е разбирлива без оглед на бариерите. Претставата се најавува како специфична, поинаква, поразлична од општото поимање на како се прави, чита и гледа театар, кој е работена од нови имиња на македонскиот театар.
Претставата се базира на два вида нарација, едниот кои вообичаено се гледа на театарската сцена, додека вториот е раскажување преку кореографија, во кое има малку зборување, но многу движења и покрети на телото, преку кои се обидуваме да раскажеме драматични настани. Благодарна сум на актерите кои влегоа во еден ваков тип на процес, кој не е конвенционален бидејќи е тешко така да се прикажат емоции – вели режисерката Нина Николиќ.
Драматургот Драгана Лукан Николовска, вели дека идејата на почетокот и била да напише текст за животот на Чехов, за на крајот да излезе приказна за Олга Книпер, монодрама со илустрирани сцени од животот. Таа најавува дека публиката ќе види многу непознати работи од животот на Чехов и времето кога тој творел.
Во претставата играат: Зорица Панчиќ, Слободанка Чичевска, Весна Димитровска и Јордан Витанов, сценските движења се на Симона Спировска, сценографијата е на Мери Георгиевска.
Tweet |