Петар Печков
Објавено: понеделник, 05 октомври 2026
Нова премиера, втора во новата сезона 2026/27, четврток во велешки театар. Ќе се изведе претставата „Ние двајцата и Алојз“ во режија на Дејан Дамјановски, драматург Сашо Димоски а работена а по текст на Космин Стенила „Сите нешта што ми ги украде Алојз“. На прес конференцијата директорот Жарко Спасовски кажа таа има две цели.
„Првата е промоција на премиерата на претставата. А втората е да одбележиме голем и значаен јубилеј на драга колешка, која е една од најзаслужните што се занимавам со оваа професија, тоа е Слободанка Чичевска и нејзините јубилеи 45 години од нејзината прва претстава и 40 години од вработувањето во велешки театарот. Таа има одиграно околу 200 улоги, што не знам дека некој друг во земјава го има сторено“ – рече Спасовски.
„Не се чувстувам толку стара а за актерот нема пензионирање. Мене ми е како вчера да почнало сето ова со глумата, се додека ме служи умот можам да бидам на сцена. Очекувам дека претставата ќе има добар прием кај публиката, ќе има долг век и нема да ми биде моја последна претстава“ – кажа Чичевска.
Во претставата се споделува искуството на актерка со Алцхајмерова болест и нејзиниот син и докторот Алојз кој ги краде сеќавањата.
„Текстот е многу интригантен, возрасна жена актерка, која почнува полека да ги губи помнењето, станува дементна. Во претставата е и докторот Алојз, Алцхајмер по кој е именувана болеста. Синот кој е отуѓен од мајката решава да остане со неа и ги олесни деновите. Претставата ги следи нивите животни трансформации“ – изјави режисерот Дамјановски.
Авторот на текстот Космин Стенила е и актер, млада личност на 32 години, кој најавил дека до крајот на годината ќе дојде да ја гледа претставата.
„Ова не е само значаен актерски момент за Слободанка, тоа е и историски момент за нашиот театар, Слободанка е исклучително важен сегмент во професионалниот и институционален реавој на велешки театар. Таа е спојница меѓу тие кој го формирале и тие кој го наследуваат театарот. Слободанка е моја духовна мајка во театарот, прва учителка, менторка. Жена со која влегов во театарот. Самата претстава актуелизира една курентна тема во современото живеење. Тоа е Алцхајмерова болест и правото на смрт“ – порача актерот Васил Зафирчев.
„Драго ми е што играм во оваа претстава со мојот ментор, со мојот наставник од средното училиште. Кругот се заврте. Чест е да играм со неа рамо, до рамо. Интересна беше задачата да толкувам еден таков лик, кој што е технички надреален“ – рече актерот Филип Христовски.
Чичевска сподели интересен и малку познат момент од актерските почетоци на Спасовски и Христовски и режисерот Дамјановски. Кога тој барал млади непрофесионални актери од младинската школа за претставата „Џинот учителот“, Слободанка ги понудила Жарко и Фаик. Кога се работела „Приказни од шестиот кат“, режисерот барал млади непрофесионални актери, Слободанка го предложила Филип и Кристијан.
| Tweet |




