речник контакт

Премиера на „Крал Иби“ во Велешкиот театар

Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во недела премиерно ќе ја изведе претставата „Крал Иби“ од Алфред Жари во режија на Андреј Цветановски.

Петар Печков

Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во недела премиерно ќе ја изведе претставата „Крал Иби“ од Алфред Жари во режија на Андреј Цветановски.

Велешкиот театар вторпат ја поставува „Крал Иби“ на својата сцена, по првата постановка во 1986 година во режија на Стојан Стојаноски, со која велешкиот ансамбл тогаш првпат настапи на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Директорот на Велешкиот театар Јордан Витанов денеска на прес-конференција рече дека текстот е напишан на почетокот на 20 век и припаѓа на големите авангардни естетички движења во Европа. Говори за власта, владетелите, за човековите слабости во однос на феноменот владеење.

Андреј Цветановски првпат режира во Велешкиот театар. Тој рече дека претставата е гротеска која зборува за односот на владетелите со народот.

- Тоа е една ода на глупоста која ние успеавме да ја направиме да преминува од ода на глупоста во ода на љубовта. Тие два термина многу ми се допаѓаат бидејќи спротивставени еден на друг се прекрасен баланс на гротеската, но и на лиричноста, рече Цветановски.

Во улогата на Кралот Иби ќе настапи актерот Зоран Љутков, кој изјави дека овој е текст сакал да го работи уште од студентските денови но, како што рече, секогаш чекал да дојде моментот на созравање за овој лик и сега за него е вистинското време да го реализира на сцена.

Покрај Љутков во претставата играат и Зорица П. Панчиќ, Жарко Димоски, Едмонд Сотир, Фаик Мефаиловски, Марија Стефановска..., а првпат на сцена ќе заигра и младата актерка Драгана Босниќ.

Драматизацијата е на Сашо Димоски, сценографијата на Валентин Светозарев, костимографијата на Александра Крнинова-Груев, а музиката на Димитар Андоновски.

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »