Петар Печков
Објавено: среда, 26 мај 2021
Утре вечер, четврток, во 20ч. велешки театар премиерно ќе биде изведена претставата „Четири соби“ работена според истоимениот филм, омнибус од четири дела. Тие се режирани од Алисон Андерс, Александер Роквел, Роберт Родригес и Квентин Тарантино, додека сценариото, адаптацијата и режијата во театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот “ ја работеше Синиша Ефтимов.
„Во последно време, така испаѓа, дека работам филмски сценарија за на театарска сцена и за мене тоа е возбудливо. Го соголувам целиот дијалог и барам нов контекст и нов живот на истиот текст, кој што ќе живее на сцена. Станува збор за апсолутна адаптација на филмското сценарио. Искористена е дијалошката структура од филмското сценарио, пренесено во денешно време тука во Македонија. Мислам направивме супер резултат и чекам што ќе кажат гледачите, кои долго чекаа за премиера на велешка сцена. Тие бараат нов театарски хит од мене“- рече Ефтимов.
Во претставата настапуваат Фаик Мефаилоски, Зорица Панчиќ, Кети Борисовска, Маја Љутков, Симона Димковска, Жарко Спасовски, Благојчо Стојанов, Самоил Стојановски, Исидор Јовановски, Талија Настова, музиката е на Сашко Костов а сценографијата и костимите на Александар Ношпал. Портирот кој ги поврзува четирите соби во претставата е Фаик Мефаилоски.
„Заплетот и комедијата е во тоа колку се захтевни гостите во овие соби. Тие се многу чудни. Секоја соба е како еден млад човек, како претставник на народот се снаоѓа. Се радуваме како мали дечиња, што се враќаме на сцена. Како деца кога се враќаат дома. Сигурен сум дека многу луѓе ќе се пронајдат во претставата и дека таа ќе биде хит, со голема гледаност и ќе ја сакаат и доаѓаат повеќе пати да ја гледаат“ - рече Мефаилоски.
Премиерата ќе можат да ја следат 120 гледачи, третина од капацитетот на гледалиштето на велешки театар, колку што е дозволено според здравствените протоколи. Сабота е веќе закажана втората изведба.
Tweet |