Петар Печков
Објавено: недела, 25 декември 2011
На 25 декември Светата православна црква го празнува споменот на Свети Спиридон Чудотворец. Епископот и чудотворец Спиридон од Кипар се занимавал со земјоделие. Живеел од својот труд и ги помагал сиромашните. Многу неверници придобил кон христијанската вера. Умрел во 348 година.
Меѓу народот има повеќе легенди и верувања поврзани со името на Св. Спиридон Чудотворец. Легендата раскажува дека Св. Спиридон направил чудо на Никејскиот собор кога за да ги демантира еретиците и Ариевците стиснал ќерамица во раката при што од горната страна излегол пламен, а од долната протекла вода.
Свети Спиридон живеел во четвртиот век на островот Кипар. Родителите му биле прости луѓе и тој од младоста чувал овци. Кога му дошло времето, се оженил, но наскоро останал вдовец, па целиот свој имот почнал да го користи за да им помага на бедните.
Подоцна бил избран за епископ во кипарскиот град Тримитунт. Господ го прославил овој чудесен човек со даровите на чудотворство и прозорливост. Откако добро и послужил на Црквата, се упокоил во 350 година. Неговите мошти се пренесени во седмиот век во Цариград, а во времето на турското освојување биле пренесени на грчкиот остров Крф.
Tweet |