Петар Печков
Објавено: петок, 20 јули 2012
Апелациониот суд од Скопје ја отфрли жалбата на Јован Вранишкоски, па пресудата на Основниот суд од Велес е правосилна. Ова двете страни доцна попладне го добиле во пишана форма. Екс Владиката на МПЦ, сега поглавар на непризнаената ПОА доби затвор од 2,5 години и обврска на оштетената МПЦ и Фондот на ПИОМ да им врати 250 илјади евра. Тој истата пресуда ја доби и во 2009-тата година, но во текот на процесот избега од Македонија а влезе неколку дена пред таа да стане правосилна, по што тој побара ново судење.
Вранишкоски е прогласен за виновен бидејќи во периодот 24.06.1998 до 09.07.2002 кога беше владика на МПЦ во три нејзини епархии, Преспанско -Пелагониската, Повардарската и Брегалничката, противправно присвоил 21 милион денари. Разликата од шест милиони денари, колку што црквата смета дека е оштетена и колку судот пресуди да и се врати, МПЦ треба да ја бара во граѓански спор.
Според пресудата парите на Вранишкоски кои му биле давани на рака од различни цркви и манастири ги присвоил, со нив купувал луксузни возила кои потоа биле продавани или присвоени од негови блиски луѓе. За финансиските малверзации ги користел хуманитарните организации и црковни економии, со кои раководеле негови блиски роднини. Злоупотребувани се и донации и народни пари наменети за изградба или реновирање на храмови. Парите кои требало да ги плаќа кон Фондот на ПИОМ, иако ги добивал на рака, спротивно на потпишаниот договор никогаш не ги внел на сметката на ПИОМ. Овој процес траеше пет години а првите две пресуди по овој предмет беа ослободителни за него.
Вранишкоски во завршниот збор рече дека е жртва на политички прогон. Од Основниот суд во Велес, ги отфрлаат пресметките на ПОА, дека Вранишкоски треба дa се ослободи, оти минале десет години откако тој беше обвинет за последното дело, на 5-ти јули 2002-та година. ,,Важно е кога Апелација одлучувала по предметот, тоа е 28-ми јуни, не е битно кога странките ќе ја добијат писмената одлука,, - рекоа од велешкиот суд.
Tweet |