речник контакт

Претпладнево Велешани и жителите на регионот на Азот дишеа воздух високо загаден со чад и ПМ 2,5 честички, од пожарот на планината Мукос

Мерните инструменти на Министерството за животна средина покажаа дека во првите два дена понеделник и вторник, на 2 и 3 септември имаше големо загадување на воздухот

Петар Печков

Претпладнево велешани дишеа воздух кој беше високо загаден. Мерните инструменти на Министерството за животна средина (МЖС) покажуваа високи часовни параметри за опасните ПМ 10 и ПМ 2,5 честички и за јагленмоноксидот. Екологистите посочуваат дека причината за ова се пожарите во близината на градот.

„Градот е окован во чад од огромниот пожар на планините Мукос и Бабуна во Општина Чашка“ – кажа Игор Смилев кој е дел од ЕГ „Зелена сила“  член на Советот на Општина Велес.

Од високите делови во околината на градот пожарот на овие две планини се гледа и е забележлив. Димот кој се шири од нив стигна и до Велес. Но не само велешани имаа проблеми со високите концентрации на штетните материи. Тешко се дишеше и во населба Чашка и селата во околината, во регионот на Азот. Планинското село Богомила е  во чад.

„Како среде зима, се гледа на 20 метри пред нас. Толку чад има. Ова е втор ден со ваква состојба. Очигледно дека ова е од пожарот на Мукос“ - вели жител на Богомила.

Мерните инструменти на МЖС покажаа дека во првите два дена понеделник и вторник, на 2 и 3 септември имаше големо загадување на воздухот. Беа измерени вредности до 80 мг/м3 што е повеќе од дозволената вредност од 50 мг/м3.

Началничката на службата за итна помош  д-р Василка Пановска, кажа дека овие два дена немало пациент кој побарал помош поради проблеми со дишењето а поради загадениот воздух.

Пожарот на планината Мукос кој има три краци, кон селата Степанци, Ораов дол и кон Оморани пламти од 27 август. Бидејќи е високо, близу до врвот на тешко достапен терен,  досега не е локализиран.  

„Во моментот само вработените во Национални шуми Подружница Бабуна се на терен и се справуваат со пожарот. Сооглед на актуелната состојба со големиот пожар во Прилепско-Мариовско, сите сили и ресурси се насочени кон помош и подршка во гаснењето на истиот“ – информираа од ЦУК. 

Истиот пожар беше активен до 18 август, претходно  12 дена гореше шума а беше изгаснат од дождот кој тогаш падна.

фото Богомила  ФБ/ Стојан Ристовски

АНКЕТА »

Како ви се допаѓа сообраќајното решение за улицата 8 септември од Сармаале до Коњаникот

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »