Петар Печков
Објавено: понеделник, 06 мај 2024
СВР Велес доцна вечерва со вонредна вест за уапсени две лица за кои постои сомневање дека сториле кривично дело „Поткуп при избори и гласање“. И двете лица се од село Мелница, општина Чашка. Кај двете лица било пронајдено оружје за кое немале дозвола за поседување.
„Денеска (06.05.2024) во 15.20 часот полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес го лишиле од слобода И.И.(52 год) од село Мелница, општина Чашка. При претрес во неговиот дом, извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело " поткуп при избори и гласање" по член 162 од КЗ биле пронајдени и одземени еден пиштол ,,Застава" со две рамки, 58 куршуми и 4 зрна-испукани проектили кои ги поседувал без дозвола, како и копија од преглед на гласачи за изборно место во Чашка“ – соопшти Биљана Ѓаковска, портпарол на СВР Велес.
И.И. бил приведен во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. Набргу по ова апсење, следело и друго за лице кое исто така не поседувало дозвола за пронајдените три пиштоли.
„Исто така денеска, во 17.00 часот, полициски службеници од Одделението за криминалистичка полиција при СВР Велес го лишиле од слобода А.Ч.(50 год) од село Мелница, општина Чашка. При претрес во неговиот дом извршен со наредба од Основен суд Велес поради основи на сомнение за кривично дело "поткуп при избори и гласање" по член 162 од КЗ биле пронајдени и одземени еден пиштол ,,Валтер" со една рамка, еден пиштол ,,Црвена застава", еден пиштол ,,Бул" со една рамка, 139 куршуми, мобилен телефон, 986 670 денари во разни апоени и 2 325 евра во разни апоени“ – дополни Ѓаковска.
А.Ч. бил задржан во полициска станица, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Tweet |