Петар Печков
Објавено: петок, 13 октомври 2023
Три од четирите награди на Фестивалот на античка драма „Стоби“ кој се одржа во Велес, ги освои претставата „Антигона“ на драмскиот театар од Плевен, Република Бугарија. Таа освои Гран при, режија за Александар Морфов и машка ролја за Дејан Донков.
„Овие награди се огромно признание за нашиот вложен труд. Многу сме благодарни што нашата работа е призната од жирито на еден значаен фестивал со традиција од две декади. Претставата имаше премиера лани во септември и ова е наше прво гостување во странство. Реакциите на публиката каде имаме настапено, Софија, Пловдив и Велес, беа секаде исти, со одличен прием и многу пофалби“ - рече Денис Симеонов, асистент на режија на претставата „Антигона“.
Втора година по ред признанијата на фестивалот заминуваат за Бугарија. Минатата година, на Фестивалот „Стоби“ претставата „Одисеј“ на Драмскиот театар од Пловдив Бугарија доби Гран при и награда за режија за Дијана Добрева.
Единствената награда која не замина за Плевен, е за најдобра женска ролја,за улогата на Медеја на Илина Чоревска, во претставата „Мај нејм ис Медеја“ на Битолски театар. Таа наградата и ја посвети на мајка и.
„Неизмерно сум среќна што во градот на моите предци, мојот дедо Трајко ја добивам оваа награда. Претходно во Прилеп добив награда за женска улога од истата претстава, од овој град се другиот дел на моите предци. Наградата ќе ме поттикне да работам уште повеќе и уште подетално“ - рече Чоревска.
Фестивалот донесе ново читање, нов концепт на античките текстови, соодветни на времето кое го живееме.
„Одиграните претстави беа горе долу поврзани со темата на фестивалот, некоја повеќе друга помалку. Дел беа на оригинални антички текстови, дел на ново создадени текстови, пишувани врз антички теми, или како таа тема од тоа време се рефлектира денес. Во секој случај беше интересно“ - рече Љупчо Георгиевски,режисер, член на жирито, во кое беа и Катарина Момева драматург и Јордан Витанов актер.
Специјална награда за оригинално драматуршко толкување и авторство доби Билјана Крајчевска за “Жени во собрание”, продукција на Театар Комедија.
Годинашните статуетки за наградените се излеани од железо, реплика на мозаик, од рано христијанска базилика на локалитетот Стоби.
На фестивалот во конкуренција за награди беа одиграни седум претстави од Македонија, Турција, Грција, Србија, Бугарија и Казахстан. За десет дена се одржаа 30 настани.
Tweet |