Петар Печков
Објавено: петок, 10 мај 2024
Единаесет претстави од националните театри ќе учествуваат на 58. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој ќе се одржи од 7 до 14 јуни во Прилеп, најави денеска уметничката директорка на Фестивалот, Ана Стојаноска. Програмата на фестивалот е именувана „Ново читање“.
Меѓу 11 селектирани претстави е и „Едвард Втори“ според Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, продукција на Н.Т. „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ од Велес.Таа е дел од потпрограмата „Ново читање на класиците“ во кои има авангардниот пристап во третманот на драмите што се класични/лектирни. Тука се и претставите: Хеда Габлер“ од Хенрик Ибзен, во режија на Васил Христов, продукција на Драмски театар Скопје, „Иванов“ од Антон П. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Македонскиот народен театар, „Домот на куклата“ од Лукас Хнат, во режија на Билге Емин, продукција на Турски театар Скопје, „На дното“ од Максим Горки, во режија на Ќендрим Ријани, продукција на Народен театар Битола; „Ало! Ало!“ според Џереми Лојд и Дејвид Крофт, во режија на Синиша Евтимов, продукција на Театар Комедија и Театар за деца и младинци од Скопје.
Втората потпрограма е „Новото читање на драмите од авторот во фокус Горан Стефановски“ селектирани се: „Дупло дно“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ Прилеп, „Диво месо“ во режија на Мартин Кочовски, продукција на Албански театар Скопје, „Демонот од Дебар Маало“ во режија на Наташа Поплавска, продукција на Центар за култура „Ацо Шопов“ Штип, „Црна дупка“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски, продукција на ЦК „Антон Панов“ Струмица.
За наградите на фестивалот и годинава ќе одлучува тричлено меѓународно жири, во состав: дМарина Миливојевиќ-Маѓарев, театарска критичарка од Србија, Марина Катниќ-Бакаршиќ, драматург од Сараево и актерката Варја Ѓукиќ од Црна Гора.
Собранието на фестивалот одлучи наградите за животно дело да ги добијат актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов. Фестивалот ќе биде отворен со настан во чест на добитниците на наградата за животно дело, што ќе се одржи во Центарот за култура, а потоа ќе следува изведбата на претставата „Хеда Габлер“ на Драмски театар.
Tweet |