Петар Печков
Објавено: четврток, 09 април 2026
Три од шесте награди на жирито на фестивалот на популарни театарски претстави „5РЕ“ се за претставата „Од другата страна“ на Црногорско народно позориште од Подгорица (ЦНП). Тие се добитници на Гран при наградата претстава во целина, за режија за Борис Лијешевиќ и за главна машка ролја за Александар Радуловиќ. Истите две индивидуални награди, лани ги освоија и на престижниот регионален фестивал „Стеријино позорје“ во Нови Сад. Жирито во состав Зорица Панчиќ и Владимир Тулиев –актери и режисерката Елеонора Теова, за претставата запиша дека поставката на режисерот е надвор од традиционалното раскажување приказни, претставата е оформена како социјално и политички ангажиран театар.
„Не радува и задоволство е што квалитетот на претставата е потврден и во Велес, откако претходно добивме други регионални награди. Посебно задоволство ни причинува што последните две и пол години се интензивираше соработка на Црногорско народно позориште и Македонските театри. Ни се случи по 10 години гостување во МНТ во Скопје, на Охридско лето и соработка со Велешки театар“ – кажа Иван Суботиќ директор на ЦНП од Подгорица.
Двајца актери од претставата „Куршуми над Бродвеј“ на Драмски добија награди, за главна женска ролја Јована Спасиќ и споредна машка Сашо Тасевски. Нему ова му е втора награда на фестивалот „5РЕ“,и двете за споредна машка ролја, откако лани доби за улога во претставата „Фамилија Адамс“. Тања Кочовска доби награда за споредна женска улога во претставата „Народен пратеник“ на МНТ. Награда од публиката, за претставата „Аматери“ на Театар Комедија. Петтото издание на фестивалот се организираше со финансиска поддршка од 20 илјади евра од Општина Велес и Министерството за култура. Беа одиграни седум претстави, меѓу нив две гостувања од странство Србија и Црна Гора, сите се играа пред распродадена сала.
„Годинава бевме сведоци на нешто што треба да не радува, квалитетот на избраните претстави достигна ново ниво, интересот беше огромен. Реткост е да се видат редици на луѓе како чекаат да купат билет, тоа не радува сите. Тоа не е случајност, тоа е резултат на посветеност, на љубов кон театарот“ – рече министерот Зоран Љутков на затворањето на фестивалот. Тој е еден од иницијаторите за негово создавање уште кога беше претседател на Советот на Општина Велес.
| Tweet |





