Петар Печков
Објавено: недела, 11 ноември 2018
Петокот навечер во фоајето на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“ за првпат во јавноста можеше да го види оригинално дело на истакнатиот македонски зограф и сликар Ѓорги Зографски.
Делото е портрет на Манче Данов, Манче кујунџијата од Велес и е во сопственост на семејството Манчеви. Делото на Зографски кое долги години стоело во дуќанот под Саатот, го претстави Елица Николова, кустос- историчар на уметност од Народниот музеј -Велес.
Зографски водел сметка да ги претстави своите мецени што подостоинствено. Портретот е со максимално доловување на физичкиот изглед на портретираниот. Обработката на лицето има примарно значење. Неговите дела имаат повеќекратна вредност - уметничка, културно-историска, документарна - рече Николова.
Таа порача дека на делото му се неопходни и тоа што поскоро конзерваторско -реставраторски интервенции а потоа ќе биде откупено од страна на надлежните институции.
Зографски според проценките нацртал околу 40-тиа портрети а 30-тина од нив се познати на јавноста. Тоа се претежно видни трговци и еснафи, кои материјално добро стоеле, сакале да се овековечат но и да му помогнат во егзистенцијата на Зографски. Меѓу нив се портретите на тогаш познати добротвори Димче Чокал, Михаило Чекардеков, Диме Јовев, Петар Здравев, Анреа Коробар.
Tweet |